среда, јули 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Клиничката болница – Штип: Пациентите со скршеници привремено да не се упатуваат...

Клиничката болница – Штип: Пациентите со скршеници привремено да не се упатуваат на Ортопедија поради штетите од невремето

11

Клиничката болница – Штип ги извести сите болници и здравствени домови од Источниот регион во наредните денови да не ги упатуваат пациентите со скршеници на Одделението за ортопедија, поради сериозните оштетувања што ги предизвика силното невреме.

Од болницата соопштија дека елементарната непогода нанела значителна штета на Одделението за ортопедија и на ортопедската операциона сала, поради што во моментов не може да се обезбеди соодветен третман за пациентите.

„Ве замолуваме во текот на следните денови, до санирање на штетата, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничката болница – Штип, бидејќи нема да можат да бидат соодветно третирани. Пациентите треба да се препраќаат во други здравствени центри каде што ќе им биде обезбедена соодветна здравствена грижа“, соопштија од болницата.

Невремето, проследено со оркански ветер кој, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, достигнал брзина од 134 километри на час, предизвика уривање на дел од кровната конструкција на Клиничката болница – Штип, при што беше оштетен дел од објектот.

Заменик-директорката на болницата, Билјана Ефтимова, информираше дека меѓу 15 и 20 пациенти кои биле хоспитализирани на Одделението за ортопедија се префрлени на други одделенија во рамките на болницата, каде што ќе го продолжат лекувањето.

Таа посочи дека утринава на терен излегле проценители кои вршат увид на оштетувањата, со цел што побрзо да се утврди обемот на штетата и да започне санацијата на кровната конструкција, по што Одделението за ортопедија повторно ќе биде ставено во функција.

ИЗДВОЕНИ