Британските инвестиции носат повеќе од финансиски капитал, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека тие придонесуваат за пренос на нови технологии и за повисок деловен стандард. Истовремено, тие отвораат квалитетни работни места и придонесуваат за развој на човечкиот потенцијал во економијата. – Ваквите вложувања создаваат долгорочна додадена вредност и ја зајакнуваат конкурентноста на земјата, рече министерката

 

Обединетото Кралство останува еден од клучните економски партнери на земјава, а британските инвестиции имаат значајна улога во развојот на домашната економија, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на настан по повод тригодишнината од основањето на Британската бизнис-асоцијација.

Пред претставниците на Бизнис-заедницата, таа порача дека Владата ќе продолжи со политиките насочени кон создавање стабилна, предвидлива и транспарентна деловна средина, со цел инвеститорите да имаат услови за долгорочно планирање и развој на своите активности во земјата.

Министерката нагласи дека економската соработка со Обединетото Кралство е потврдена преку податоците за надворешнотрговската размена, како и преку континуираниот прилив на инвестиции од британски компании. Според неа, значењето на британското вложување оди подалеку од финансискиот аспект, бидејќи носи и трансфер на нови технологии, повисоки деловни стандарди, развој на човечкиот капитал, како и отворање квалитетни работни места.

– Овие инвестиции создаваат нова вредност во економијата – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа оцени дека потпишаното стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија претставува значаен чекор напред во унапредувањето на билатералните односи и јасен сигнал за долгорочна посветеност кон продлабочување на политичката, економската и трговската соработка.

Министерката изрази очекување дека во наредниот период ќе се засили трговската размена, ќе се зголеми приливот на инвестиции и ќе се реализираат нови заеднички проекти, кои, како што рече, ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните и за економијата.

Британската бизнис-асоцијација, која е основана во 2023 година, работи на унапредување на трговските врски со Обединетото Кралство, како и на застапување на интересите на британските компании и на фирмите со британски деловни врски во земјава.

 

ИЗДВОЕНИ