Екипата на Панатинаикос се пласираше во плејофот во кошаркарската Евролига, додека поразениот Монако има уште една шанса за поправен – ќе брка пласман преку каталонскиот гигант Барселона, која беше подобра од Црвена звезда.
Францускиот клуб успеа да ја стабилизира ситуацијата надвор од теренот во клучен момент од сезоната, што очигледно се одрази и врз неговите настапи.
Иако во Атина не важеа за фаворити, кошаркарите на Монако одиграа цврст натпревар против ПАО и покажаа дека и натаму се сериозен конкурент, иако се соочуваат со одредени проблеми.
Тренерот Манучар Маркоишвили искрено зборуваше за состојбата во тимот.
- Не е лесно. Но, сега функционираме нормално. Сите сме платени. Патуваме, живееме добро и имаме можност да се натпреваруваме на највисоко ниво. Нема простор за жалби. За жал, некои играчи се повредија во овој дел од сезоната и тоа дојде во незгоден момент. Но, мора да гледаме напред, изјави Маркоишвили.
Грузискиот стратег покажа и доза на скромност, дури и самокритичност.
- За мене лично, ова е можност да се бориме. Имавме одлична серија за да стигнеме дотука. Овој напор не е случаен. Искрено, за мене е чудо што сум овде. Овие момци заслужуваат да бидат тука – тие минатата сезона играа финале во Евролига. За нив ова не е чудо, туку реалност. Но, нема да се откажеме, имаме уште една шанса, додаде тој.
Монако веќе в петок ќе има нов тежок предизвик, кога на домашен терен ќе ја пречека Барселона во директна борба за пласман во плејофот. Победникот од овој дуел ќе оди на мегдан со Олимпијакос.











