Тука се разменувале првите срамежливи погледи, првите нежни стисоци на рацете, првиот бакнеж под некое темно пооддалечено костеново стебло. Или, како што напишал еден познат писател, „голема возбуда ми претставуваше да го бакнам нејзиното мало прсте, а ако случајно ѝ го допрев фустанот, не можев да ја пронајдам вратата за да излезам“.

– Денес на Кејот е останат само дел од истите тие липи, а костените веќе одамна ги нема. Тогаш немаше ниту кафеани ниту кафулиња, само едноставни клупи околу кои се собираа групи момчиња и девојки – опишува познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски

 

Во годините пред земјотресот што го разурна Скопје, Кејот на Вардар бил романтично место и гнездо на љубовта. Тука се разменувале првите срамежливи погледи, првите нежни стисоци на рацете, првиот бакнеж под некое темно пооддалечено костеново стебло. Или, како што напишал еден познат писател, „голема возбуда ми претставуваше да го бакнам нејзиното мало прсте, а ако случајно ѝ го допрев фустанот, не можев да ја пронајдам вратата за да излезам“.

Како што навел во своите записи, хроничарот на Скопје, Данило Коцевски, „времињата се менуваат, но таа возбуда секогаш останува иста“.

– Кејот беше раскошен, преполн со зеленило, со прекрасни стебла од липи и костени. Денес е останат само дел од истите тие липи, а костените веќе одамна ги нема. Тогаш немаше ниту кафеани ниту кафулиња, само едноставни клупи околу кои се собираа групи момчиња и девојки – опишува Коцевски.

Тој додава дека во вечерните часови, Кејот бил вистински рај на ноќното Скопје. Кејот бил и дел од скопското корзо, само за младите, поврзано со плоштадот.

– Доаѓаа, главно, гимназијалците од Машката гимназија, каде што денес е МАНУ, од Женската гимназија, која се наоѓаше на просторот кај денешниот објект на Владата, а претходно и од Четвртата машка гимназија, на местото на трговскиот центар. Сиот тој рајски простор почнуваше со редица дуќани, кои се наоѓаа на тротоарот од улицата. Опиени од младоста и љубовта, воопшто и не забележувавме дека тука има улица, а, за волја на вистината, тогаш и немаше многу сообраќај. А самата таа улица функционално се вклопуваше во сиот тој простор – опишува Коцевски.

Тој наведува и дека режисерот Димитрие Османли има снимено извонредно интересен документарен филм за тоа како кејот и Скопје се будат едно утро во годините пред земјотресот, кој, како што вели, е неповторлив документ за тоа скопско време.

– Во филмот, низ улицата поминува двокатен автобус, потоа автомобил од марката „олимпија“, се слуша ѕунењето на стаклените шишиња од млеко на разнесувачот, кој застанува со количката пред продавниците – пишува Коцевски.

Една од најпознати песни на поетот Васил Икономов е токму „Ако го сакаш Скопје, дојди, ќе те чекам на кејот“. Во неа се преплетуваат љубовта кон саканата и љубовта кон градот, со една младешка свежина на стиховите, со луцидни пресврти, едноставност и чистота на пеењето. „Ако го сакаш Скопје“, вели поетот, „земи неколку пожолтени есенски лисја од некоја негова улица. Исцицај им ја сета љубов што ја имаат, а потоа в магловито утро скамени ја и од неа направи камени цветови… Ако го сакаш кејот појди, ќе сретнеш девојка – росата ѝ ги расплакала очите…“

Кога зборуваме за „нашиот кеј“, под тој топоним го сметаме главно просторот од Камениот мост до Новиот мост, кај денешен „Холидеј-ин“, или малку подолу до мостот. Се разбира, кејовите во Скопје се многу пошироки топоними, подразбирајќи ги левата и десната страна на реката Вардар.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ