Изборниот список „Студентска листа – Студентите победуваат“ („Студентска листа – Студентски побеѓују“) денеска ги претстави сите 250 свои кандидати за српскиот парламент; Листата ја предводи Илија Срдановиќ, кардиолог и професор на Медицинскиот факултет во Нови Сад.
Списокот, објавен на студентската веб-страница blokade.org, вклучува професори, доктори, уметници, активисти, претприемачи и поединци од различни делови на Србија. По Срдановиќ се Катарина Станковиќ, Жељко Хубач, Александар Цветковиќ, Катарина Шќепановиќ, Адем Мавриќ, Милош Јевтиќ, Тихомир Станиќ, Татјана Пауновиќ, Милина Мариќ и Весна Среќковиќ.
По нив следуваат Александар Н.Нешковиќ, Марија Бјелобрк, Лидија Димитријевиќ, Слободан Вукосавиќ, Марија Вуловиќ, Златко Кокановиќ,
Сара Валентик, Драгана Ѓорѓевиќ, Предраг Мрѓа, Оливер Тошковиќ, Митар Крстиќ, Милана Писариќ и многу други.
Истакнати јавни личности на списокот се поранешниот репрезентативен кошаркар Дејан Бодирога, поранешниот гувернер на Народната банка на Србија Дејан Шошкиќ, инженерот Зоран Ѓајиќ, професорите Јово Бакиќ и Александар Баучал, ректорот на Универзитетот за уметности Мирјана Николиќ и академик Радомир Саичиќ.
Вклучени се и адвокатката Сара Ел Сараг, архитектот Миљан Салата, конзерваторката Естела Радоњиќ Живков, спортистот Михаил Дудаш, поранешниот фудбалер Мирко Поледица, музичарот Феѓа Димовиќ и други.
Во нивната изјава, студентите истакнаа дека наведените лица потекнуваат од различно потекло – различни по возраст, професија, искуство и животни приказни – и беа избрани да ги претставуваат во српскиот парламент.
„Тие доаѓаат од цела Србија – како од големите градови, така и од помалите средини; од училници, лекарски ординации, канцеларии, работилници, културни институции и други места каде што секојдневно се гледа како функционира државата кога институциите си ја вршат работата, но и што се случува кога ќе престанат да го прават тоа“, се вели во соопштението.
Тие додадоа дека не барале луѓе што би изгледале најдобро на билборд, ниту пак такви што со години ја усовршувале вештината за договарање место на изборна листа; наместо тоа, барале поединци за кои веруваат дека можат да влезат во институциите, одговорно да ги извршуваат своите должности и никогаш да не изгубат од вид зошто се таму.
„Кандидатите не беа избрани од партиски лидери, ниту пак листата беше составена од некого во затворена просторија, а потоа соопштена на останатите. Тие беа избрани од самите студенти преку процес на одлучување што го градевме повеќе од една година низ блокади, пленарни седници, дискусии и заедничка работа. Тој процес не беше ниту брз, ниту едноставен“, се наведува во соопштението.
Тие додадоа дека директната демократија ретко е таква, истакнувајќи дека таа подразбира дијалог, несогласување, аргументирање, преиспитување на одлуките и одговорност пред луѓето што учествуваат во процесот.
„Токму затоа ни беше важно изборната листа да се креира на овој начин. Ако велиме дека сакаме поинаков политички систем, нема многу смисла првиот чекор кон него да го направиме со копирање на истиот оној модел против кој се бориме“, додадоа студентите.
Како што наведоа, листата е ослободена од каков било култ на личноста; не постои поединец чие име треба да ги засени сите други. „Не бараме нов лидер околу кого би се градел уште еден култ на личноста. Ги претставуваме луѓето на кои им е доверено да го пренесат во институциите оној дел од борбата што изминатата година го водевме на улиците“, додадоа тие.
Како што истакнаа, не очекуваат од нив да бидат безгрешни, ниту пак да имаат одговор на секое прашање.
„Очекуваме работи што се многу поедноставни, а сепак – во оваа земја – очигледно многу потешки: да бидат одговорни за своите постапки, да ги слушаат луѓето што ги претставуваат, да ги образложуваат своите одлуки и да сфатат дека пратеничкото место не е награда, привилегија или почеток на политичка кариера“, додадоа студентите. Тие нагласија дека пратеничкото место е јавна функција, дека мандатот им припаѓа на граѓаните и дека лицето што го извршува мора да знае пред кого одговара.
„Ова се луѓето што ги избравме да ја вршат таа работа“, изјавија студентите, пренесува „Бета“.












