вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сторијата на ВЕЧЕР како аларм за општеството – се бара одговорност за...

Сторијата на ВЕЧЕР како аларм за општеството – се бара одговорност за бруталното врсничко насилство!

1158
Булингот излезе на површина 

Бруталното врсничко насилство што беше објавено во понеделничкиот број на весникот ВЕЧЕР ја дигна на нозе целата јавност. Она за што се шушкаше меѓу тинејџерите, беше обелоденето во текстот со наслов „Женска ученичка група тепала, понижувала и горела со цигара помладо девојче“, во кој буквално се опишува тероризирањето на женската насилничка група во Ѓорче Петров врз шестоодделенка. Поради сензитивноста и последиците од настанот, нашата новинарка  не објави за кое училиште станува збор. Но, разоткри класично монструозно насилство, кое ја надминува детската расправија. Имено, девојчето било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и присилувано да јаде измет од куче. Дел од бруталниот чин бил снимен со мобилен телефон. По преживеаниот стрес, детето завршило на лекарска и психијатриска помош. Причината за нападот, според првичните информации, била комуникација преку социјалната мрежа „Инстаграм“.

По министерката за образование, Весна Јаневска, која изјави дека училиштето веќе презело мерки и ги повикало родителите да бидат повнимателни и да поминуваат повеќе време со своите деца, вчера се огласи и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој исто така апелираше родителите да се фокусираат на решавање на проблемот и изјави дека на разговор се повикани 14 лица, меѓу кои и родителите на вмешаните ученици. Тој увери дека полицијата постојано има фокус и на ваков тип насилство, иако јавноста во изминатиот период беше повеќе насочена кон семејното насилство.

„МВР, во суштината, дејствува превентивно, но неговото дејствување е секако и репресивно. Мора сите институции да бидат вклучени во рамки на овој процес за да дадеме секторски одговор, системски пристап. Но, апсолутно влијание имаат самите родители и нивната улога во воспитувањето на децата. Нивното поведение во делот на образовниот процес е клучно. Затоа, би упатил апел до сите родители и до сите општествени чинители, да се фокусираме на овој проблем, затоа што е присутен“, вели министерот и нагласува дека во јавност излегуваат само дел од настаните, а има и случаи за кои јавноста не знае. Во ваквите ситуации, според министерот Тошковски, институциите мора здружено да настапат во насока на едукација, соодветен третман и укажување на сите проблематични точки. Експертите, институциите и родителите мора да издејствуваат да се прави јасна разлика меѓу добро и лошо поведение.

Народниот правобранител, Фатон Сељами, вчера информираше дека за случајот отворил предмет по сопствена иницијатива и изрази длабока загриженост поради сериозноста на чинот, кој вклучувал физичко и психичко малтретирање, понижување и деградирачко постапување снимено со мобилен телефон. Омбудсманот бара итна институционална реакција и најави дека ќе побара детални информации од сите надлежни органи.

Јавноста, згрозена од настанот, ги преплави социјалните мрежи. И професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Татјана Алексиќ, која е многу популарна меѓу средношколците, прстот го впери во родителите и во институциите.

– Каде виделе гасење цигари од кожа? Каде виделе, слушнале или прочитале за такви гадости? Кој ги научи толку да мразат и злоупотребуваат?!? Ние систематски моделираме генерации на психопати“, пишува професорката која секогаш е гласна за општествено одговорни теми. Посочи дека итно ни треба „флота од стручни лица во училиштата, образовни асистенти, социјални работници, педагози, психолози, психотерапевти, дефектолози, логопеди, служби за детектирање метал и оружје при влез во училиште, систематски прегледи со тест за никотин и дрога во крв, забрана за (а)социјални мрежи до 18 години и цивилизирани казнено-поправни домови! За љубов, емоционална писменост и човекови права е доцна, зашто тие се битни и имаат влијание врз воспитувањето во првата декада од животот на децата. Децата во 6. одделение се веќе карактерно и психички оформени!“ Според неа, децата го имитираат однесувањето на возрасните. Ќе повторуваат злоупотребување! Ќе продолжат да се расправаат по социјалните мрежи! Ќе учат од нас, возрасните, за агресија и „добро” ќе нѐ имитираат.

И психологот Амела Мемиш-Апостоловска преку статус на „Фејсбук“ изнесе на виделина уште една сурова реалност за врсничкото насилство, а низ кое поминале нејзините сопствени деца, синот и ќерката. „Колкупати викав дека воспитувањето почнува и завршува дома? Ќерка ми денес одбива јавна изложеност зашто во основно училиште беше претепана и исмевана за нејзината нога. Молчела за да ме заштити мене“, напиша и упати директен и остар напад на родителите, нарекувајќи ги главни виновници за „емоционално осакатените“ генерации, но нагласи дека изразува почит кон оние што даваат сè од себе во воспитувањето на децата.

Амела со јавноста ја сподели болката на нејзините ќерка и син, кои со години, како што вели таа, ги носат лузните од училишниот систем.

Случајот што го објави ВЕЧЕР, ги охрабри и родителите што веќе се соочиле некаков вид врсничко насилство врз своите деца, па не беа малку коментарите под објавата на текстот за ситуации во кои се нашле нивните деца за кои тврдат дека се жртви на булинг. Еден од нашите читатели посочи дека во едно скопско училиште, по пријава на насилство, ученикот не само што не добил заштита туку целото раководство на училиштето тргнало против ученикот и не добил никаква заштита, затоа заедно со неговите родители се отселиле, ја напуштиле државата. (Р. В.)

Женска ученичка група тепала, понижувала и горела со цигара помладо девојче

ИЗДВОЕНИ