На маргините на UNECE Resource Management Week 2026, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска реализираше низа билатерални средби и учествуваше на високи панел-дискусии, испраќајќи пораки за забрзување на енергетската транзиција, одржливо управување со природните ресурси и зајакнување на меѓународната соработка.

Во фокусот на активностите беше работната средба со заменик извршниот секретар на Економската комисија на Обединетите нации за Европа, Дмитриј Маријасин, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во рамки на UNECE, унапредување на регулаторните рамки и поттикнување инвестиции во одржливи енергетски проекти. Двете страни ја нагласија потребата од забрзување на зелената транзиција, како и од посилна регионална поврзаност и интеграција на енергетските пазари.

Божиновска истакна дека Македонија останува посветена на активна улога во меѓународните процеси поврзани со енергетската трансформација и одржливото управување со ресурсите, нагласувајќи ја важноста на партнерствата со Обединетите нации и другите меѓународни чинители.

Министерката учествуваше и на високопрофилниот панел „Social Engines of Sustainable Resource Management: Gender Equality, Intergenerational Justice, and why Extractive Legacies Matter“, каде заедно со меѓународни експерти отвори теми поврзани со родовата еднаквост, меѓугенерациската правда и одржливото искористување на ресурсите. Во дискусијата беше истакнато дека енергетската транзиција не е само технолошки, туку и длабоко општествен процес кој мора да биде праведен и инклузивен.

– Кога зборуваме за енергетска транзиција, зборуваме за луѓе, можности и праведност. Жените и младите треба да бидат активни носители на промените, а не само учесници во процесот – порача Божиновска.

Таа посочи и дека Министерството веќе работи на засилено вклучување на младите преку практикантства и институционални партнерства, оценувајќи дека долгорочната одржливост на секторот зависи од вложувањето во нови генерации кадар.

Паралелно со активностите во Женева, беше нагласено и учеството на Македонија на UNECE Resource Management Week како потврда за нејзината стратешка ориентација кон одржлив развој и активна улога во креирањето на глобалните енергетски политики.

Во одделен настап на меѓународна сцена, државниот секретар Горан Јовановски учествуваше на состанокот на Германско-македонскиот заеднички економски комитет (JESCO) во Берлин, каде ја претстави енергетската политика на земјата и реформите во секторот.Јовановски истакна дека со новиот Закон за енергетика, донесен во 2025 година, државата воспоставува стабилен и предвидлив систем за инвеститорите, кој е целосно усогласен со европските стандарди. Тој нагласи дека Македонија веќе спроведува силен инвестициски циклус во обновливи извори на енергија и модернизација на мрежната инфраструктура.

– Државата повеќе не го следи пазарот – таа го креира неговиот правец. Новиот модел на планирање овозможува поголема енергетска сигурност и намалување на зависноста од увоз – порача Јовановски.

На состанокот беше нагласена и важноста на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, кој опфаќа 61 мерка насочена кон декарбонизација, енергетска ефикасност и реформа на пазарот. Македонија, како што беше заклучено, останува цврсто ориентирана кон европската енергетска интеграција и реализација на конкретни реформи кои треба да обезбедат стабилен, одржлив и модерен енергетски систем.

ИЗДВОЕНИ