понеделник, септември 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „ЌЕ МЕ КОЛЕЛ НА ПЛОШТАД“ – МИЦКОСКИ ДОБИВАЛ СМРТНИ ЗАКАНИ, КРИМИНОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ:...

„ЌЕ МЕ КОЛЕЛ НА ПЛОШТАД“ – МИЦКОСКИ ДОБИВАЛ СМРТНИ ЗАКАНИ, КРИМИНОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: НЕ СЕКОЈА ЗАКАНА Е ПРАЗЕН ЗБОР

ПРИТВОР ЗА 39-ГОДИШНИК ОД ЧЕРКЕЗИ

1

Закани за колење на плоштад, навреди и пцовки кон него и неговото семејство – премиерот Христијан Мицкоски во неделата дознал за содржината на пораките што преку социјалните мрежи му ги упатувал 39-годишен жител на селото Черкези. Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка, по пријава на полицијата, а за осомничениот побара притвор.

„Јас дознав за заканите во неделата. Напишани, сум бил свиња и ќе ме колел на плоштад, имало и пцовки врз мене и семејството. Јас сум, сепак, институција. Кога не би бил, знам како се решаваат тие работи, но претпоставувам дека институциите си ги презеле надлежностите и преку МВР е обезбедено лицето, а правосудниот систем ќе го процесуира“, изјави Мицкоски кој присуствуваше на настан на граничниот премин Табановце.

Од ОЈО Куманово соопштија дека 39-годишникот му се заканувал на претседателот на Владата преку пораки на социјалните мрежи и го навредувал. Обвинителството оценило дека постои ризик од бегство, но и опасност од повторување на насилно однесување. Како причина за барањето притвор се наведува и дека осомничениот претходно бил извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство и лихварство – како и на повеќе прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.

„Притоа, согласно со обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“, соопшти Обвинителството.

Во текот на вчерашниот ден, судот во Куманово му одреди осумдневен притвор на заканувачот, период во кој Обвинителството ќе ги обезбеди доказите против него.

Според соопштеното, тој се товари според член 144 став 5 од Кривичниот законик – „Загрозување на сигурноста“. Според наведениот став, оној што јавно или преку информатички систем ќе се закани дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна против одредено лице поради политичко уверување, лично својство, општествен статус или друга законски предвидена основа, може да биде казнет со затвор од една до пет години. Во практиката, за вакви предмети Обвинителството може да оди со обвинителен предлог, скратена постапка, наместо со класична истражна постапка.

Кога заканата станува реална опасност?

Дипломираниот криминолог Дејана Спасовска оценува за весникот ВЕЧЕР дека јавна закана по животот на премиерот не може да се гледа како обична навреда или непримерен говор. Клучно е безбедносните служби да утврдат колку е заканата конкретна, веродостојна и остварлива, односно дали лицето има мотив, капацитет и реална можност зборовите да ги претвори во насилно дејство.

„Во процената треба да се анализираат содржината и контекстот на заканата, да се изолира однесувањето на лицето, како и неговото претходно насилничко или криминално однесување, евентуалните подготовки, пристапот до жртвата и други оперативни сознанија. Особено е значајно дали станува збор за изолиран инцидент или за повторувани закани проследени со конкретни дејства. Врз основа на овие индикатори се утврдува степенот на ризик и се определуваат соодветни превентивни мерки. Тие може да опфатат засилен безбедносен надзор и заштита, проверка, верификација и континуирано следење на сите информации од значење за истрагата, може да опфатат засилен безбедносен надзор и заштита, идентификување на можностите за пристап до потенцијалната жртва и навремено спречување на евентуална ескалација. Доколку постојат индиции дека опасноста е непосредна, институциите не треба да чекаат заканата да биде реализирана за да реагираат“, вели Спасовска.

Според неа, целта на безбедносната процена не е со сигурност да се предвиди дали некој ќе нападне, туку навреме да се идентификуваат ризиците и да се спречи заканата да премине од зборови во дело.

 МВР: Мицкоски е постојано обезбедуван

Прашањето што се наметна по случајот е дали по конкретните закани е засилено полициското обезбедување на премиерот. Од МВР одговорија за весникот ВЕЧЕР дека претседателот на Владата, како еден од највисоките државни функционери, е постојано е обезбедуван, без разлика дали кон него постојат конкретни закани или не.

„МВР во рамките на својата надлежност презема мерки и активности за обезбедување на највисоките претставници на органите на државната власт, согласно со Уредбата за личности и објектите што се обезбедуваат, видовите мерки и активности и степените на обезбедување“, велат од МВР. Оттаму, сепак, не откриваат дали по последните закани е зголемен бројот на полицајците кои го обезбедуваат премиерот, ниту колкав е тој број. Образложението е дека начинот и видот на мерките и активностите за обезбедување се уредени со класифициран пропис.

Од Глигоров до Мицкоски – заканите кон државниот врв не се ново

Речиси секој премиер или претседател добивале закани за време или по нивната функција. Во февруари 2018 година МВР соопшти дека биле регистрирани шест кривични дела поврзани со закани кон тогашниот премиер Зоран Заев преку социјалните мрежи. Тогаш полицијата информираше и дека во еден период биле документирани вкупно 30 случаи во кои преку социјалните мрежи била загрозена сигурноста на носители на државни функции. И Заев во текот на својот премиерски мандат беше предмет на повеќе закани, меѓу кои и конкретни случаи за кои полицијата и Обвинителството преземаа постапки. Закани по живот биле упатувани и кон претседатели. Во 2017 година беа објавени информации за смртни закани кон тогашниот претседател Ѓорге Иванов, во период на една од најжестоките политички кризи во земјата. Претседателот Стево Пендаровски, пак, во 2023 година беше директно споменат во контекст на изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, која македонските власти ја оценија како закана. Најтешкиот историски пример останува атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, во 1995 година, кога врз него беше извршен напад со автомобил бомба во Скопје. Разликата денес е што социјалните мрежи овозможија заканите кон највисоките функционери да се објавуваат јавно или директно да се испраќаат до нив, а институциите да мораат да проценуваат кога станува збор за навреда и политички говор, а кога содржината преминува во кривично дело. (П. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ