| Неверојатна сцена во Италија |
Капачите на една плажа на Сицилија останале во шок кога брановите почнале да исфрлаат на брегот торби полни со пари. Само за неколку моменти, плажата се претворила во хаос кога луѓето се втурнале во морето обидувајќи се да дојдат до парите што пловеле покрај брегот.
Италијанските власти брзо интервенирале, а истрагата отвора бројни прашања за потеклото на речиси 700.000 евра пронајдени во морето. Необичниот настан се случил на 28 јули во градот Казуца, западно од Марина ди Рагуза на Сицилија. Според информациите од италијанската полиција, глисер долг околу 5,5 метри останал без гориво недалеку од брегот и почнал неконтролирано да лебди на водата. Тогаш екипажот побарал помош од крајбрежната стража, но развојот на настаните ги изненадил дури и спасувачите. Италијанските власти информираа дека во моментот кога крајбрежната стража се приближила до пловилото, луѓето на глисерот наводно почнале да фрлаат торби полни со пари во морето. Едната била со лого на „Лидл“, а другата со логото на малтешкиот бренд „Три хилс“. Полицијата и крајбрежната стража набрзо ги собрале речиси сите пари, заедно со оние што ги зеле капачите, а го заплениле и глисерот кој е пратен на форензичко вештачење. Истрагата е во тек, а според достапните информации, на глисерот имало тројца возрасни граѓани на Малта и едно тринаесетгодишно дете. Полициските службеници на пловилото нашле само еден маж, додека, според изјавите на сведоците, другите избегале на брегот. Сите биле приведени на испрашување, по што биле пуштени да се бранат од слобода со одредени мерки на претпазливост. Засега не е поведено обвинение против нив.
Истражителите се обидуваат да утврдат од каде доаѓаат речиси 700.000 евра и зошто толку голема количина готовина е транспортирана преку таа маршрута. Меѓу можните сценарија што ги истражуваат се перење пари, шверц со готовина, фалсификување банкноти, но и можност парите да биле наменети за плаќање поврзано со трговија со дрога. Во меѓувреме, италијанскиот истражувачки новинар Џузепе Башјето, кој со години го следи организираниот криминал, објави дека сопственик на глисерот е наводно малтешкиот државјанин Овен Џонс, кој бил на бродот во времето на инцидентот. Адвокатот на Џонс го негира тоа, а италијанските власти не го потврдуваат. Башјето исто така предупредува дека областа помеѓу Пунта Сека и Пунта Бракета, недалеку од местото каде што завршил глисерот, со години се смета за една од маршрутите по кои албанските криминални групи соработуваат со локалните мафијашки организации. Во својата книга „Сицилија ностра“, објавена минатата година, Башјето наведува дека југоисточниот брег на Сицилија сè повеќе служи како меѓународен коридор за шверц на кокаин.












