вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ Русија бомбардираше училиште во кое се делело хуманитарна помош, најмалку 26 загинати/ВИДЕО

Русија бомбардираше училиште во кое се делело хуманитарна помош, најмалку 26 загинати/ВИДЕО

0
EPA/MAXYM MARUSENKO

Најмалку 26 лица загинаа, а петмина се повредени при руско бомбардирање на училиште, кое се користело како центар за дистрибуција на хуманитарна помош во селото Комишуваха, во југоисточниот украински регион Запорожје, соопштија украинскиот претседател Володимир Зеленски и службите за итни случаи.

Меѓу загинатите има двајца спасувачи и четворица полицајци, додека меѓу повредените се наоѓаат уште двајца спасувачи, пренесува Ројтерс.

Во своето вечерно видеообраќање, Зеленски изјави дека руските сили прво фрлиле авионски бомби врз училиштето, кое служело како засолниште и место за делење хуманитарна помош на локалното население.

Според него, уследил втор напад, при што било погодено засолништето во кое се наоѓале жителите. Тој истакна дека руските сили мора да биле свесни оти на таа локација секој понеделник се дели хуманитарна помош.

Училиштето веќе не се користело за настава бидејќи селото се наоѓа во близина на линијата на фронтот.

Регина Харченко, секретар на Градскиот совет на Запорожје, изјави дека по нападот 27 лица се водат како исчезнати. Полицијата и спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на урнатините во потрага по преживеани.

Зеленски ја обвини Москва дека продолжува со нападите врз цивили, наместо да ја искористи можноста за спроведување хуманитарни мерки и деескалација на конфликтот. Во меѓувреме, се очекува претставници на Украина, Русија и САД да одржат нова рунда разговори во Абу Даби на 10 и 11 ноември, во обид да се најде решение за ставање крај на војната.

ИЗДВОЕНИ