петок, септември 11, 2026
Дома СВЕТ Блокиран клучниот премин во Црвеното море: Саудискиот принц го замоли Трамп да...

Блокиран клучниот премин во Црвеното море: Саудискиот принц го замоли Трамп да ги бомбардира Хутите, овој одбил

0
EPA/ALI HAIDER

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман синоќа двапати му се јавил на американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи од него да започне воздушни напади врз Хутите, додека проиранските бунтовници напредувале кон клучен теснец во Црвеното Море – информација што за порталот „Аксиос“ ја потврдија двајца американски функционери.

Трамп го одбил барањето, а американските власти нагласуваат дека администрацијата во моментов нема планови за директна воена интервенција против Хутите.

Цените на нафтата нагло пораснаа во четвртокот откако Хутите зазедоа стратешки важен крајбрежен град во Јемен, со што се доближија на дофат до теснецот Баб ел-Мандеб – една од најважните светски рути за глобалната трговија и за извозот на саудиска нафта. Со оглед на тоа што Иран веќе го попречува сообраќајот низ Ормускиот теснец, контролата на Хутите врз преминот Баб ел-Мандеб би му дала на Техеран огромна моќ за притисок врз САД и нивните сојузници во Заливот.

САД обезбедуваат податоци, но одбиваат да распоредат авиони
САД се загрижени поради брзата ескалација на конфликтот во Јемен и ја засилуваат поддршката за Саудиска Арабија, но истовремено настојуваат по секоја цена да избегнат директно воено вклучување.

Адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД (CENTCOM), во четвртокот отпатува во Саудиска Арабија на итни координативни состаноци, потврдија двајца добро упатени извори. Саудиската амбасада во Вашингтон и Белата куќа одбија да ги коментираат овие информации.

Конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Хутите повторно се разгоре во јули, откако Ријад го спречи слетувањето на еден ирански авион во Сана. Авионот превезуваше високи претставници на Хутите кои се враќаа од погребот на поранешниот ирански врховен лидер Али Хамнеи. Тогаш Мохамед бин Салман побара политичка поддршка од Трамп за напад врз аеродромот во Сана, иако јасно стави до знаење дека на Саудиска Арабија не ѝ е потребна американска воена помош. Трамп тогаш ја даде својата поддршка.

Хутите возвратија со напади врз саудиски танкери во Црвеното Море, загрозувајќи ја клучната рута за извоз на нафта, а набрзо потоа почнаа да ги напаѓаат и енергетските постројки на саудиска територија. Ријад и неговите сојузници во Јемен одговорија со воздушни напади и копнени офанзиви.

Промена во ставот на Ријад: од самодоверба до молба за помош
Барањето на Саудиска Арабија за директна воена интервенција од САД претставува целосен пресврт во однос на јули, кога Ријад го уверуваше Вашингтон дека може самостојно да се справи со ситуацијата со Хутите. Сепак, како што борбите се интензивираа, Саудијците почнаа да бараат сè поголема американска помош.

Во последните недели, американските воени и цивилни претставници јасно им ја пренесоа директивата на Трамп на своите саудиски колеги: американските сили мора да останат фокусирани на Иран и на Ормускиот Теснец, без да отвораат нов фронт.

Во четвртокот, додека силите на Хутите напредуваа кон пристанишниот град Мока, а јеменските сили поддржани од Саудиска Арабија се повлекуваа, Бин Салман му се јави на Трамп за првпат за да го информира за хаотичната ситуација на теренот. Неколку часа подоцна, тој повторно му се јави и директно побара од него да нареди американски напади врз позициите на Хутите.

Трамп го одби тоа барање. Сепак, американски функционер потврди дека администрацијата ќе им обезбеди на Саудијците разузнавачки податоци за движењата на Хутите и координати за цели. Околу 200 американски војници се веќе стационирани во Саудиска Арабија, каде што обезбедуваат поддршка што не вклучува борбени дејства.

Висок функционер од администрацијата на Трамп посочи дека приоритет на Вашингтон е слободата на пловидба во Црвеното Море, додека самата борба на терен им се препушта на регионалните партнери. „САД се фокусирани на заштита на своите клучни национални интереси, како што е обезбедувањето слобода на пловидба во Црвеното Море, а истовремено ги зајакнуваат партнерите во регионот за тие да можат да ја преземат водечката улога во справувањето со безбедносните предизвици. Во постојан контакт сме со Саудиска Арабија и со владата на Јемен“, изјави функционерот.

Заземен клучен остров, преземена целосна контрола врз теснецот
Во меѓувреме, ситуацијата на терен стана уште посложена. Јеменските бунтовници го зазедоа клучниот остров Мајун во Црвеното Море, со што практично ја комплетираа контролата врз теснецот Баб ел-Мандеб, потврдија за АФП локални функционери и очевидци. Островот – познат и како Перим – природно го дели теснецот на два пловни канали. Очевидци известуваат дека вооружени борци во воени возила се распоредуваат долж крајбрежјето.

Островот падна веднаш откако Хутите го зазедоа стратешкиот пристаништен град Моха, принудувајќи ги провладините сили, поддржани од Саудиска Арабија, да се повлечат. Стотици луѓе се веќе убиени во офанзивата долж југозападниот брег, а илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови.

Примирјето пропадна; нафтената инфраструктура во пламен
Покрај напредувањето долж брегот, бунтовниците лансираа десетици беспилотни летала и ракети кон јужниот дел на Саудиска Арабија. Седумдесет и три цивили беа ранети, а избувнаа пожари во неколку нафтени постројки, што доведе до привремен прекин на производството. Хутите тврдат дека тоа било одговор на саудиските воздушни напади во северозападниот дел на Јемен, каде што најмалку 23 цивили загинаа при погодок врз затвор во градот Хазм.

Овие судири го уништија неофицијалното четиригодишно примирје меѓу Хутите и коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Рутата преку Црвеното Море е од витално значење за глобалниот извоз на нафта – бидејќи пловидбата низ Персискиот Залив е веќе ризична поради тензиите со Иран – што значи дека контролата на бунтовниците врз теснецот претставува огромен глобален ризик.

ИЗДВОЕНИ