Народната банка, од 28 октомври до 5 ноември, ќе организира низа едукативни активности по повод Светскиот ден на штедењето, 31 октомври, и Деновите на финансиската писменост, со цел унапредување на финансиското знаење, вклученоста и заштитата на потрошувачите. Во рамките на програмата, учениците од основните и средните училишта ќе учествуваат во работилници, едукативни предавања и квизови, како и во посети на Народната банка. Предвидена е и трибина на тема „Важноста на штедењето за економијата и поединецот“, на која средношколците ќе дискутираат за парите, штедењето, инвестирањето и управувањето со личните финансии.

На 4 ноември ќе се одржи виртуелен настан посветен на родовата финансиска инклузија, со предавање на Елизабет Наумовски, која живее во Канада и е говорничка од областа на финансиското образование. Во соработка со Светската банка, ќе биде објавен и едукативен видеозапис за испраќање пари преку СЕПА, односно Единствената европска платежна област, со цел граѓаните да се запознаат со можностите за прекугранични плаќања во евра. Народната банка ќе реализира и рурален караван со посети на основни училишта, преку кој учениците ќе се запознаат со нејзините функции и задачи.

Светскиот ден на штедењето се одбележува четиринаесетта година, а Деновите на финансиската писменост се организираат по десетти пат.

ИЗДВОЕНИ