Најодликуваната спортистка на сите времиња, американската спринтерка Алисон Феликс, изјави дека планира да се врати од пензија за да се обиде да се квалификува за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.

Седумкратната олимписка шампионка е родена во Лос Анџелес и ако се квалификува, тоа ќе бидат нејзини шести Олимписки игри по ред.

  • Ова е враќање дома што се случува еднаш во животот и е единственото нешто доволно да ме врати на патеката, изјави Алисон Феликс за списанието „Тајм“.

Феликс, која ќе наполни 41 година во ноември, се пензионира по Светското првенство во Јуџин во 2022 година, со вкупно 11 олимписки медали.

  • На многумина од нас ни е кажано да не правиме големи, смели работи. Знаете, на оваа возраст, веројатно треба да останам дома, да се грижам за децата, да правам такви работи. И, едноставно, зошто да не? Ајде да го свртиме листот, да се обидеме. Ајде да бидеме ранливи, порача Феликс.

Најодликуваната американска атлетичарка на сите времиња освои олимписко злато на 200 метри во Лондон, како и златни медали во штафетата 4 x 400 метри на сите Игри од Пекинг 2008 до Токио 2021 година. Таа, исто така, освои титули во штафетата 4 x 100 метри во Лондон 2012 и Рио де Жанеиро во 2016 година.

Таа освои сребрени медали на 200 метри во Сиднеј 2004 и Пекинг, како и сребро и бронза на 400 метри во Рио и Токио.

  • Знам, на 40 години, не сум на својот врв. Немам илузии за тоа. Многу ми е јасно што е тоа и што сакам да видам. И се надевам дека ќе се покаже така, додаде Феликс.

Таа освои рекордни 20 медали на светските првенства, најмногу во историјата и во женска и во машка конкуренција, од кои 14 се златни.

Нејзиното место на Игрите во Лос Анџелес не е загарантирано, бидејќи ќе мора да помине низ целиот квалификациски систем на САД за атлетика.

– Кога се натпреварував, слушнав навивање за домашен спортист на Олимписките игри. Би сакала да го доживеам тоа. Веројатно би била лута на себе ако не се обидам. Без разлика што ќе се случи, ќе бидам таму со моите деца, дружејќи се и навивајќи за сите, заврши Феликс.

ИЗДВОЕНИ