петок, септември 18, 2026
Дома СВЕТ Тинејџерите во ЕУ остануваат без „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Снепчет“… експертите велат, со тоа...

Тинејџерите во ЕУ остануваат без „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Снепчет“… експертите велат, со тоа ги туркаат кон социјална смрт

174
EPA/NEIL HALL

Презентирајќи го овој закон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Унијата нема да толерира содржина што предизвикува зависност. Европската комисија сега мора да преговара со националните влади и со експертите од технолошкиот сектор за да утврди како точно да се спроведе законот на ниво на цела Европа, со кој би се забранило користењето социјални мрежи без да се загрози приватноста на младите и на возрасните при процесот на проверка на возраста на корисниците

 

Европските тинејџери ќе останат без социјални мрежи. За децата под 13 години, нема да има „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Фејсбук“ или „Снепчет“. Малку постарите, оние до 15 години, ќе може да се вклучат на социјалните мрежи само еден час дневно, но под родителски надзор. За постарите, пак, од 15 до 18 години, ќе биде задолжителен безбеден дизајн на сите платформи.

Ова е реалноста што ги очекува децата и тинејџерите во земјите членки на Европската Унија откако во четвртокот Европската комисија усвои предлог на закон наречен Закон за децата на ЕУ (EU Kids Act). Презентирајќи го овој закон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Унијата нема да толерира содржина што предизвикува зависност. Европската комисија сега мора да преговара со националните влади и со експертите од технолошкиот сектор за да утврди како точно да се спроведе законот на ниво на цела Европа, со кој би се забранило користењето социјални мрежи без да се загрози приватноста на младите и на возрасните при процесот на проверка на возраста на корисниците.

Намалувањето на штетното влијание на социјалните мрежи врз младите е приоритет за претседателката на Комисијата – лекарка и мајка на седум деца – која постојано укажува на негативното влијание на Интернетот врз здравјето на малолетниците, уште од својот говор за состојбата на Унијата во 2025 година, пишува „Политико“.

Според бриселскиот весник, предлог-законот на Урсула фон дер Лајен за ограничување на пристапот на младите Европејци до социјалните мрежи претставува амбициозен одговор на сè погласните критики за потенцијалните штети од „Тик-ток“, „Инстаграм“ и од другите онлајн платформи, но за да се спроведат овие ограничувања, ќе биде потребно ново, повисоко ниво на амбиција. Но, активистите за правата на децата и некои влади на ЕУ тврдат дека генералните забрани не се вистинскиот пат, зашто се кршат правата на младите луѓе на информации и на изразување. А експертите, пак, уште одамна го кажаа своето лошо мислење за ваквиот начин на оттргнување на младите од дигиталниот свет. Психолозите, социолозите и експертите за безбедност сметаат дека ваквата радикална забрана би ги одвела тинејџерите на уште полошо и поопасно место. Тие посочуваат дека наместо да го реши проблемот, целосното исклучување на дигиталниот свет ќе има контраефект и ќе ги турне младите во подлабока социјална изолација и алтернативни, неконтролирани канали на комуникација. Како поткрепа на тие тези, наведуваат неколку клучни причини зошто е целосната забрана на социјалните мрежи лоша идеја. Тие го изедначуваат дигиталното исклучување со социјална смрт на тинејџерите. Посочуваат дека денешната природа на растењето е фундаментално променета, а истражувањата покажуваат дека младите луѓе чувствуваат огромен притисок да бидат онлајн бидејќи екранот повеќе не е само забава туку и главна потврда за постоењето во очите на врсниците. Ако нема пристап до Интернет, тинејџерот е целосно исклучен од врсничките групи, договорите за состанување, училишните обврски и заедничките теми, што директно води кон екстремна изолација, срам и депресија.

Експертите се повикуваат и на ефектот на „забрането овошје“ и заобиколување на правилата. Во тој контекст, наведуваат дека кога се воведуваат строги забрани како оваа, податоците покажуваат дека тинејџерите масовно наоѓаат начини да ги заобиколат системите. Експертите предупредуваат дека младите луѓе потоа масовно инсталираат непознати ВПН-услуги што може да ја загрозат нивната приватност. Исто така, создаваат лажни и скриени профили, а што е уште поопасно, преминуваат на алтернативни, таканаречени подземни платформи и апликации што родителите воопшто не може да ги контролираат и каде што се изложени на многу поголем ризик од предатори и од измамници. За стручните луѓе, забраните што ги наметнува ЕУ водат и кон губење на можноста за дигитална отпорност и саморегулација. Психолозите нагласуваат дека децата не може да научат да пливаат ако ги држите подалеку од вода. Целосната забрана го спречува развојот на дигиталната писменост и саморегулација. Кога, конечно, ќе добијат пристап до Интернет (или на универзитет или со пријателите), таквите деца стануваат многу полесен плен за интернет-измамниците, манипулации и за кибермалтретирање, бидејќи никогаш не изградиле одбранбени механизми или критички став кон она што го гледаат на екранот. Неодамнешни студии, како онаа спроведена од Британскиот институт за стандарди, како што наведува „Гардијан“, покажуваат дека речиси половина од младите луѓе, поточно 46 проценти, сакаат да живеат во свет без притисок на Интернетот и од социјалните мрежи, бидејќи го препознаваат лошото влијание врз сопственото ментално здравје. Заклучокот на експертите е дека решението не е во сечењето кабел туку во воведувањето умерени правила, наречени дигитален залез на сонцето (рестрикција на екранот пред спиење) и отворен разговор преку кој тинејџерите ќе научат да препознаваат кога им штети дигиталниот свет и кога е време да се исклучат.

ИЗДВОЕНИ