Азербејџан затвори дел од својот воздушен простор во близина на границата со Иран 12 часа по нападот со беспилотни летала во автономната енклава Нахчиван утрово, а Техеран негираше каква било вмешаност во инцидентот.
Азербејџанското Министерство за надворешни работи соопшти дека едно беспилотно летало се урнало во терминалната зграда на меѓународниот аеродром во Нахчиван, додека друго се урнало во близина на блиското училиште. Нахчиван е автономна територија на Азербејџан која се граничи со Иран и Ерменија, но е географски одвоена од остатокот од земјата.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев остро го осуди инцидентот и го повика Иран да се изјасни за инцидентот. Тој го нарече нападот „гнасен чин на терор“ и рече дека „оние што го извршиле мора веднаш да бидат повикани на одговорност“.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во разговор со својот азербејџански колега, негираше дека Иран е одговорен за нападот. Според иранските државни медиуми, Арагчи рекол дека иранските вооружени сили го истражуваат инцидентот.
Во истиот извештај се наведува дека иранскиот министер, исто така, укажал на „можната улога на Израел во ваквите напади со цел да се искриви јавното мислење и да се нарушат добрите односи на Иран со неговите соседи“.
Доколку се потврди дека доаѓа од Иран, тоа би бил првиот напад врз земја од Кавказ од почетокот на поширокиот регионален конфликт, што дополнително би ги зголемило стравувањата дека непријателствата би можеле да се прошират надвор од Блискиот Исток, пренесе „Скај њуз“.
Досега, иранските напади главно биле насочени кон Израел и американските воени бази во регионот. Сепак, не е познато дека Азербејџан има американски бази на своја територија, што отвора прашања за мотивот за можен напад.
Иако Азербејџан одржува неутрален став во конфликтот на Блискиот Исток, во последните години ги продлабочи односите со Израел и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Баку е еден од најголемите купувачи на израелско оружје, додека Израел увезува значителни количини азербејџанска нафта. Според аналитичарите, двете земји тесно соработуваат и во областа на разузнавачката соработка.












