понеделник, јуни 15, 2026
Дома СВЕТ Австрија продолжува со засилените гранични контроли до средината на септември

Австрија продолжува со засилените гранични контроли до средината на септември

21
EPA/LUKAS BARTH-TUTTAS

Австрија ги продолжи граничните контроли со соседните земји за уште три месеци, а Виена ќе спроведе гранична безбедност со прилагодени мерки во граничната област, потврди австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.

„Со Европскиот пакт за миграција и азил, заштитата на надворешните граници мора значително да се прошири и со тоа да се зајакне. Покрај тоа, потребни се дополнителни мерки за заштита на австриската гранична област до крајниот рок“, рече Карнер, а пренесе РТВ Сло, додавајќи дека мерката важи и за Словенија.

Карнер нагласи дека „граничната безбедност е реструктуирана и направена пофлексибилна.

„Наместо чисто селективни, стационарни гранични контроли, се потпираме на широки, флексибилни и ефикасни гранични контроли. Целта на новата стратегија е да се елиминираат шверцерите и криминалците, а не да се оптоваруваат патниците“, наведе тој во соопштението објавено од австриското Министерство за внатрешни работи.

Австрија воведе привремени гранични контроли со Словенија и Унгарија во 2015 година, на врвот на бегалската криза, и оттогаш ги продолжува на секои шест месеци. Од есента 2023 година, таа спроведува и гранични контроли на граничните премини со Чешка и Словачка. Виена последен пат ги продолжи граничните контроли со четири земји во декември минатата година, а мерката беше на сила до 15 јуни.

ИЗДВОЕНИ