Австрискиот министер за внатрешни работи, од Народната партија (ОВП), Герхард Карнер, презентираше нов пакет мерки, со кои Австрија сака дополнително да ги мотивира бегалците и барателите на азил од Сирија доброволно да се вратат во својата татковина. Според него, во следните три месеци, од јули до септември, Австрија ќе им понуди на Сиријците финансиска стимулација од 3.000 евра за човек, за разлика од досега, кога стимулацијата изнесуваше 1.000 евра, и ја искористиле околу 1.300 Сиријци за да се вратат дома.
По падот на режимот на Асад пред две години, надлежните австриски власти повторно ја испитаа оправданоста за престојот на 13.000 сириски граѓани во Австрија. Во 4.500 случаи, заштитниот статус беше ограничен или одземен, а околу 2.000 Сиријци веќе ја напуштија Австрија, голем дел од нив доброволно.
За Сиријците, кои веќе имаат признаен статус на азилант, финансиската стимулација за доброволно враќање во Сирија се зголемува од 1.000 на 1.500 евра. Со оваа мерка или поточно финансиска мамка, ограничена на три месеци, Австрија има намера да го олесни австрискиот социјален и здравствен систем, кој стенка под притисокот на трошоците и на дојденците.
Презентирајќи ги резултатите од извештајот за депортациите од Австрија во првите шест месеци од оваа година, Карнер рече дека во тој период биле депортирани 7.000 луѓе.












