Министерството за одбрана соопшти дека Војската на Србија денеска испратила два борбени авиона да пресретнат патнички авион, за кој, според добиените информации, постоела дојава дека во него има бомба. За време на операцијата дошло до појава на звучен удар.
Според Министерството за одбрана, дојавата за бомба се однесувала на авион на компанијата „Виз ер“ (Wizz Air), кој летал на релација Брисел – Софија.
„Борбени авиони на Војската на Србија беа ангажирани по известување од Контролата на летање на Србија и Црна Гора (SMATSA). Дополнително, единиците за противвоздушна одбрана и тимовите за трагање и спасување беа ставени во највисок степен на готовност. По пресретнувањето на патничкиот авион, неговата визуелна идентификација и придружбата до границата со Република Бугарија, авионите на Војската на Србија се вратија во својата матична база во Батајница“, се наведува во соопштението на Министерството.
Од Министерството појаснуваат дека гласните звуци, слични на експлозии, кои ги вознемирија жителите на регионот Шумадија околу 10:30 часот, настанале кога воените авиони ја пробиле звучната бариера за време на извршувањето на задачата за пресретнување, пренесува Н1.
„Министерството за одбрана и Војската на Србија изразуваат жалење за вознемиреноста што можеби ја почувствувале граѓаните, но нагласуваат дека во вакви ситуации е од суштинско значење пресретнувањето да се изврши што е можно побрзо“, се вели во соопштението.












