Како што објави весникот „Вашингтон пост“, во петокот, во својот дом во Вашингтон, на 89 години, почина член на едно од најбогатите американски семејства. Тој помина три децении во Сенатот на САД, залагајќи се за проширување на здравствената заштита за сиромашните и остро критикувајќи го начинот на кој претседателот Џорџ В. Буш ја водеше војната во Ирак.
Семејството не ја откри причината за смртта, додава весникот, а пренесува новинската агенција „Ројтерс“.
Рокфелер, висок и одмерен демократ со либерални ставови, за првпат беше избран во Сенатот во 1984 година, со што го започна првиот од своите пет шестгодишни мандати како претставник на Западна Вирџинија. Претходно, тој отслужи два мандата како гувернер на таа сиромашна сојузна држава, позната по своите рудници за јаглен.
Во 2002 година, Рокфелер гласаше „за“ предлогот на републиканскиот претседател Буш за одобрување на војната во Ирак, која започна со инвазија предводена од САД во 2003 година. Подоцна, тој изрази жалење за тој глас, а како претседавач со Сенатскиот комитет за разузнавање, го обвини Буш дека ја вовлекол земјата во војна врз основа на „лажни претпоставки“.
Тој беше правнук на нафтениот магнат Џон Д. Рокфелер и потомок на семејство кое создаде политичка династија – лоза во која спаѓаше и неговиот чичко, гувернерот на Њујорк, Нелсон Рокфелер. Животот на Џеј Рокфелер, роден во Њујорк, доби поинаков правец откако дипломираше на Харвард и, во периодот помеѓу 1964 и 1966 година, учествуваше во програма за социјална работа во сиромашните рурални делови на Западна Вирџинија.
Откако стапи на јавна функција, тој работеше на проширување на пристапот до здравствена заштита, борба против сиромаштијата, обезбедување здравствени бенефиции за рударите и пружање помош на воените ветерани.
Како сенатор, тој помогна во обликувањето на програмата воспоставена во 1997 година, преку која федералната влада на САД им помага на поединечните сојузни држави да обезбедат здравствено осигурување за милиони деца кои немаат такво осигурување. Во 1990-тите години, Рокфелер го поддржа предлогот на демократскиот претседател Бил Клинтон – кој на крајот не успеа – за воведување здравствено осигурување што би опфатило речиси целото население. Подоцна, тој се залагаше за успешната иницијатива за здравствена реформа на демократскиот претседател Барак Обама, која беше усвоена како закон во 2010 година.
За време на дебатата за реформите од ерата на Обама, Рокфелер неуспешно се залагаше федералната влада да понуди програма за здравствено осигурување достапна за целото население – покрај постоечките програми за сиромашните и постарите лица – како алтернатива на приватното осигурување, кое може да биде скапо и недостапно за многумина.
„Залагањето за оние на кои им е најпотребна помош беше мојот животен повик и никогаш нема да престанам да се борам за подобрување на животот на луѓето кои ми значат толку многу“, изјави Рокфелер во 2013 година, кога, на 75-годишна возраст, објави дека нема да се кандидира за шести мандат во Сенатот.












