петок, ноември 6, 2026
Дома БАЛКАН Албанија почна да ги казнува учесниците на протестите, граѓанските организации бараат повлекување...

Албанија почна да ги казнува учесниците на протестите, граѓанските организации бараат повлекување на мерките

11
EPA/MALTON DIBRA

Албанската полиција казни 83 учесници на антивладините протести во Тирана поради блокирање на сообраќајот и непочитување на полициските предупредувања. Само по демонстрациите во средата вечерта, санкционирани се 31 лице, со казна од 5.000 леки, односно околу 55 евра по лице.

Казните се изречени врз основа на новите построги правила, кои стапија во сила на 28 октомври по иницијатива на владата на премиерот Еди Рама. Со измените се предвидуваат санкции за учество на неодобрени собири, непочитување на полициските наредби, прикривање на идентитетот и блокирање на сообраќајот. За одредени прекршоци казните може да достигнат и до 5.000 евра.

Мерките предизвикаа реакции кај организациите на граѓанското општество и Европската Унија. Амбасадорката на ЕУ во Албанија, Софија Мореира де Соуса, порача дека мирните протести се основно демократско право, а реакциите на насилството мора да бидат пропорционални и во согласност со законот.

Петнаесет граѓански организации побараа од парламентот да ја запре примената на одредбите за јавните собири, оценувајќи дека тие ги ограничуваат уставно загарантираните права. Дел од демонстрантите, пак, сметаат дека новите казни имаат цел да ги заплашат граѓаните.

Антивладините протести во Албанија започнаа на 31 мај поради планираната изградба на луксузен туристички комплекс во заштитената зона Звернец, проект поврзан со Џаред Кушнер. Со текот на времето, демонстрациите прераснаа во пошироко движење со барања за оставка на Рама, кого демонстрантите го обвинуваат за корупција и лошо економско управување.

ИЗДВОЕНИ