четврток, јуни 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Апартманите што се издаваат ќе мора да се категоризираат

Апартманите што се издаваат ќе мора да се категоризираат

Владата предлага измени на Законот за угостителска дејност со кои се воведуваат построги правила за приватното сместување и нов државен регистар за лиценци на дискотеки, кабареа и ноќни барови. Речиси сите административни постапки ќе се спроведуваат електронски, а дел од надоместоците ќе бидат зголемени. Предвидени се и нови санкции за службени лица и членови на комисии кои нема да постапуваат во законските рокови

16

Дискотеките, кабареата и ноќните барови ќе добијат посебен државен регистар на лиценци, а сопствениците на апартмани и приватно сместување ќе плаќаат трошоци за категоризација. Надоместоците во дел од постапките се удвојуваат, а речиси сите административни процедури во угостителството ќе се поднесуваат и ќе се издаваат онлајн. Ова се дел од најзначајните измени што Владата ги предлага со измените на Законот за угостителска дејност, кој веќе е во собраниска процедура.

Со предложените решенија се воведуваат електронски барања, лиценци и жалби, нови регистри за угостителските објекти, построги правила за категоризација на приватното сместување и нови казни за службени лица и членови на комисии кои нема да постапуваат во законските рокови. Една од најзначајните новини е формирањето регистар на издадени лиценци за ноќни барови, кабареа и дискоклубови, кој ќе го води Министерството за економија и труд.

Постапката за добивање лиценца треба да стане побрза, при што надлежниот министер ќе треба да донесе решение во рок од 30 дена, а лиценцата ќе се издава истиот ден.

Промени се предвидуваат и за приватното сместување. Категоризацијата на куќи за одмор, апартмани, станови и соби за издавање ќе ја вршат тричлени комисии формирани од градоначалниците. Решението ќе важи три години, а општините ќе водат регистар на категоризирани објекти и ќе доставуваат извештаи до Министерството.

Предлог-законот носи и значајна дигитализација на секторот. Угостителите, туристичките агенции и физичките лица ќе можат електронски да поднесуваат барања, да бараат лиценци и да комуницираат со институциите преку Националниот портал за електронски услуги. Решенијата, лиценците и другите документи ќе се издаваат и по електронски пат, а институциите ќе бидат обврзани потребните податоци да ги обезбедуваат по службена должност.

Со измените се удвојуваат и одредени надоместоци за туристичките агенции и дел од угостителските субјекти, а се воведуваат и нови санкции за службени лица и членови на комисии што нема да постапуваат во законските рокови.

Според Владата, реформата треба да придонесе за намалување на административните бариери, побрзи услуги и поефикасна јавна администрација, а воедно е дел од обврските поврзани со користење средства од европскиот Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.

ИЗДВОЕНИ