Театарската претстава „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски и во режија на Нина Николиќ, ќе биде изведена на 28 октомври во 20 часот, на сцената на Босанскиот народен театар во Зеница, Босна и Херцеговина, во рамките на второто издание на меѓународниот фестивал „ Сексуален театар – Феминистички читања на класиците“. Претставата е дел од авторскиот проект „Трилогија за љубовта“, заедно со драмите „Марта Верина“ и „104“.

Претставата „Анна“, инспирирана од романот „Ана Каренина“ на Лав Толстој, нуди современ поглед кон прашањата за љубовта, семејните односи, личната слобода и правото на индивидуален избор. Преку интимната приказна на една жена, драмата ги преиспитува општествените очекувања, механизмите на контрола и цената на еманципацијата во современото општество.

Фестивалот во Зеница, пак, кој се одржува од 26 до 31 октомври, е посветен на современите феминистички читања на класичните дела и на преиспитувањето на родовите односи, општествените улоги и позицијата на жената. Преку селекција на театарски продукции од регионот и пошироко, фестивалот отвора простор за критички дијалог за еднаквоста, еманципацијата и општествените механизми кои ги обликуваат односите на моќ.

– Ана има сè – углед, стабилност, совршено семејство. Но зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога го среќава Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Но, дали навистина може да се ослободи? Драма за жената која избира да има избор и ја плаќа цената на својата одлука. За бракот во кафез и бунтот кој станува ново ропство. За вечното прашање: Што губиме кога се обидуваме да се најдеме? Дали светот е навистина променет, дали ние луѓето сме навистина променети, дали денеска после 150 години Ана има шанса да победи?, прашува Нина Николиќ во нејзината режисерка експликација.

Гостувањето во Зеница следува по значајниот меѓународен успех на претставата на 27. Меѓународен фестивал на камерен театар „Златен лав“ во Умаг, Хрватска, каде што „Анна“ ја освои главната фестивалска награда Гран при, додека актерката Маја Љутков беше наградена со „Златен лав“ за најдобро актерско остварување, за толкувањето на насловната улога.

Во претставата играат Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Жаклина Петровска, додека Тони Денковски учествува како глас. Авторскиот тим го сочинуваат Илина Ангеловска (сценограф), Ивана Каранфиловска Угуровска (костимограф) и Оливер Јосифовски (композитор).

Гостувањето на „Анна“ на фестивалот претставува продолжување на меѓународниот сценски живот на претставата, но и можност за афирмација на современите женски авторски поетики и нивното место во регионалниот театарски простор.

ИЗДВОЕНИ