Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, упати остри критики кон лидерот на опозицијата, Венко Филипче, обвинувајќи го дека се обидува да создаде поинаква слика за себе во јавноста по периодот во кој раководеше со здравствениот сектор.
Во објава на својот профил на „Фејсбук“, Андоновска порача дека граѓаните не ги заборавиле случувањата од времето кога Филипче беше министер за здравство, алудирајќи дека неговите сегашни јавни настапи не можат да го избришат впечатокот од тој период.
„Лицемерието изгледа вака. Доаѓа еден час на клиника, со фото апарат, се фотографира среде операција, и потоа на концерт на Харис Џиновиќ или на јахтата на Заев. И се така. Хуманизацијата не е успешна затоа што народот знае и за кинеските вакцини, и за модуларната болница и за тендерите, и за распаднатите и ограбени здравствени институции кои ги остави зад себе без “око да му трепне”.
И што е најважно, не заборава!“, пишува Андоновска во објава на Фејсбук.
Нејзината објава следува во период кога Филипче зачестено се појавува во јавноста и на социјалните мрежи, а Андоновска оценува дека таквите настапи претставуваат обид за „хуманизација“ на неговиот јавен имиџ.












