Реномираниот македонски режисер со долгогодишна меѓународна кариера, Александар Поповски, кој веќе осум години е уметнички директор во Мариборската драма при СНГ, истакна дека е многу среќен што се реализирало гостувањето и соработката на Словенечко народно гледалиште Марибор со МНТ. – Среќен сум што ја направивме оваа размена, бидејќи и МНТ ќе дојде во Марибор, ќе се претстави, ќе има гостување. Се надевам дека оваа соработка ќе добие континуитет, а понатаму ќе направиме и копродукција, додаде Поповски
– Публиката, најверојатно, „Амадеус“ повеќе го познава преку филмот на Милош Форман, но текстот на Питер Шафер во себе содржи голема убавина и фалоспев на уметноста воопшто, а особено на музиката и на генијалноста, изјави во Скопје реномираниот македонски режисер со долгогодишна меѓународна кариера, Александар Поповски, кој со претставата „Амадеус“ во изведба на Словенечко народно гледалиште Марибор, на 1 април, гостува во Македонскиот народен театар. Како што е познато, култниот текст на Питер Шафер ја истражува комплексната релација и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери и се занимава со темата на генијалноста наспроти зависта. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Пушкин „Моцарт и Салиери“, од 1830 година.

Режисерот Поповски, на денешната прес-конференција во МНТ, го сподели и искуството од подготовката на претставата која македонската публика ќе има можност да ја погледне утревечер (1 април), на големата сцена на овој театар.
– За Моцарт, разговарав со директорот на Мариборската опера и диригент, Симон Кречич, кој му покажуваше на глумецот како се диригира, а мене ми зборуваше за Моцарт и за тоа што значи да транскрибираш партитура. Значи, додека другите композитори пишуваат, бришат, па проверуваат, па слушаат – Моцарт само пишувал. А за да пишуваш така, музиката мора да доаѓа од некаде. Затоа и викаат дека тој бил медиум преку кој се пренесувала музиката. Од друга страна, тука е и тоа проклетство што го чувствувал, таа генијалност, дека знае дека низ него поминува музиката, но и начинот на кој живеел. Живот кој е, на некој начин, во конфликт со средината. Едноставно, најверојатно уметникот, за да биде здрав, мора да биде во конфликт со сопствената средина, рече тој.

Истакна дека ова е многу убав текст со одлична актерска екипа, каде што Салиери го игра бардот на словенечкото глумиште Алеш Валич. Во улогата на Моцарт, пак, настапува Жан Копривник, а неговата жена ја глуми Јулија Клавжар. Во останатите улоги играат Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас. Во креативниот тим на претставата се Вања Магиќ – сценограф, Марита Ќопо и Миа Поповска – костимографи и Росана Хрибар – кореограф.
Наградуваниот македонски режисер, кој е уметнички директор во Мариборската драма при СНГ веќе осум години, со втор мандат, односно од сезоната 2018/2019, посочи дека е многу среќен што се реализирало гостувањето и соработката на Словенечко народно гледалиште Марибор со МНТ.
– Среќен сум што ја направивме оваа размена, бидејќи и МНТ ќе дојде во Марибор, ќе се претстави, ќе има гостување. Се надевам дека оваа соработка ќе добие континуитет, а понатаму ќе направиме и копродукција, рече Поповски додавајќи дека Мариборската драма направила многу успешна копродукција со Југословенско драмско позориште од Белград и Бургтеатар од Виена, која се игра веќе четири-пет години.
На пресот потсетија дека македонскиот режисер во МНТ нема поставено претстава од 2012, кога ја режираше „Животот на Молиер“, за која рече дека му е многу драга, а која е единствената од стариот објект на театарот што сè уште се игра на репертоарот во новата зграда. Истакна дека секогаш кога е во Македонскиот народен театар, се чувствува емотивно бидејќи го врзуваат многу спомени, и бидејќи МНТ е простор кој многу му значи.

Зборувајќи за улогата на Моцарт, актерот Жан Копривник, пак, истакна дека секогаш постои дилема кога се толкуваат луѓе кои се исклучителни и кои ние не можеме ни да ги разбереме, бидејќи навистина не знаеме што се случувало во нивните глави.
– Клучното прашање за мене беше како Моцарт размислувал за уметноста, за слободата што си ја дозволил и што ја барал. И освен тоа, како да се најде детето што секогаш било во него. Исто како кога работиш со Поповски, тоа е толку едноставно, бидејќи и тој е момче во своето срце и само треба само да се опуштиш за да се случат некои убави работи, рече актерот.
Покрај со претставата „Амадеус“, Словенечко народно гледалиште Марибор во МНТ, на 3 април, гостува и со монодрамата „Безгрешна“, омаж на големиот и прерано починат словенечки режисер, Томаж Пандур, токму во новиот објект во МНТ, во 2016 година. Монодрамата, според драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур, е сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет“.

Актерката Наташа Матјашец Рошкер, на пресот во Скопје истакна дека ова за неа е многу важна монодрама, бидејќи, всушност, претставуваше прва и последна соработка со режисерот Пандур, која била прекрасна и интензивна, а која, за жал, не успеале да ја завршат заради неговата прерана смрт.
– Горда сум на себе, на СНГ и на ексдиректорот, што покрај трагичниот настан, сите во екипата на претставата истрајавме и пронајдовме сила врз основа на неговите скици за сцената, за костимите, плеј листата за музиката и забелешките на текстот кои ги остави зад себе, да ја доведеме претставата до крај. Му ја посветивме нему и со големо задоволство можам да кажам дека ја играм веќе 10. година, рече Матјашец Рошкер, првенка во Мариборската драма. Додаде и дека претставата препатувала речиси низ целиот свет, и сега како кругот да се затвора овде, во Скопје, со изведбата во МНТ.

Директорот на СНГ Марибор, Данило Роскер, пак, истакна дека е среќен што по повеќе од 20 години повторно гостуваат со своја театарска продукција во МНТ.
Меѓународните гостувања, кои МНТ ги реализира во рамки на одбележувањето на роденденот – 81 година од постоењето на театарот, завршуваат на 4 април со претставата „Другата страна“ на Црногорското народно позориште од Подгорица, во режија на Борис Лијешевиќ. Директорот на МНТ, Никола Кимовски, рече дека по овој повод одбрале актуелни регионални продукции и силни режисерски имиња бидејќи на македонската публика сакаат да ѝ понудат поразлична театарска естетика.
– Годинава ја степенуваме важноста на рецентни регионални продукции – претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало, во кое МНТ ја проверува сопствената позиција и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст“, ќе посочи Кимовски. (Н. И. Т.)












