Силна порака за меѓудржавно пријателство и регионална соработка испратија македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, и нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ, кој дојде денеска во дводневна посета на Македонија. По средбата во претседателскиот кабинет, шефот на црногорската држава, Милатовиќ, го почна своето обраќање на македонски јазик и порача дека неговата земја силно го поддржува европскиот пат на Македонија.

– Како земја предводничка во преговорите со ЕУ, Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија. Оваа држава секогаш ќе има голем сојузник и голема поддршка во нас. Црна Гора си постави амбициозна цел, но сметаме дека е остварлива – да стане земја членка на ЕУ во 2028 година и да покажеме дека европската перспектива не е само сон, туку и реалност – нагласи Милатовиќ на заедничката прес-конференција.

Тој високо ги оцени билатералните односи, изјавувајќи дека доаѓа кај нас дури и како брат во братската држава.

– Доаѓам како пријател кај пријатели, дури и би рекол како брат во братска држава. Посетата е продолжение на мојот регионален ангажман. Нашите две држави ги поврзува искрено пријателство, заемна почит и посветеност кон вредностите на ЕУ. Нашите односи се пример за добрососедска соработка во регионот. Го цениме фактот дека Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа независноста на Црна Гора, што ја прославуваме сега, како и 20-годишнината од дипломатските односи со вашата земја – порача тој.

Потоа забележа дека, за жал, економската соработка меѓу двете земји е под потенцијалот, бидејќи трговската размена изнесува околу 60 милиони евра, а, според него, може да биде значително повисока – од барем сто милиони евра. Тој е уверен дека заедничките иницијативи ќе придонесат за оваа цел, најавувајќи за денеска средба со бизнис-заедницата кај нас. Притоа најави дека Подгорица ќе го разгледа и прашањето за воспоставување авионска линија меѓу двете земји.

Според него, приемот на Црна Гора во ЕУ би испратило една силна и важна порака – дека членството е остварливо и дека е можно тоа.

– Да не заборавиме дека последна земја што се приклучи кон ЕУ беше Хрватска, во дамнешната 2013 година. Членството на Црна Гора во ЕУ што сакаме да го реализираме во 2028 година би било не само успех на Црна Гора туку и една порака што би била испратена до сите други земји – дека реформите се исплатат, дека процесот на проширување е жив и дека иднината на целиот регион на Западен Балкан е во ЕУ – нагласи Милатовиќ.

Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, рече дека заедничка визија на двете држави е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ. Според неа, прашањето за членство на Западен Балкан не е веќе прашање врзано само за иднината туку треба и може да се стане реалност.

– Повторно го реафирмирав принципот што не сум го измислила, ниту некој одовде го креирал – принципот воспоставен во далечната 1993 година, познат како Копенхашки критериуми. Повикав нашето чекорење кон ЕУ да биде во рамките на она што се нарекува уставно право. Ова е многу важно бидејќи ако се прави еден преседан, ќе се отвори плодна почва и за нови преседани. Она што беше ново во нашиот случај беше изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за потребата од гаранции со оглед дека не може да се предвиди што може да се постави како услов надвор од Копенхашките критериуми или надвор од она што го утврди ЕУ како договор за ЕУ, дека ќе ги почитува националниот и културниот идентитет, дека ќе ги почитува дигнитетот и интегритетот на нациите и државите. Тоа е нешто што е обврска, оти неисполнувањето на овие услови е основа за поведувањето на постапката пред Судот во Луксембург – нагласи македонската претседателка.

На новинарско прашање да ја коментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој во неделата кажа дека „ако треба, ќе чекаме децении за пристапување во ЕУ“, таа оцени дека таа изјава била дадена во условна, кондиционална форма.

– Изјавата на премиерот беше во условна, во кондиционална форма „ако треба“… Јас мислам дека ние, по Црна Гора, ако се споредуваме технички, сме длабоко навлезени во евроинтегративниот процес, низ реформска призма, но не би можела јас да зборувам за кластери и за поглавја како мојот колега, бидејќи за првпат и во историјата на ЕУ и во историјата на европската заедница се поставуваат вакви услови за да почнете преговори. Ако гледаме низ техника призма, низ призма на скринингот, на реформските капацитети, би можеле и би требало, ако има разбирање за пречката што е надвор од европските стандарди и критериуми, многу брзо да станеме членка на ЕУ – рече претседателката.

Таа додаде дека регионалната соработка не е само наша обврска туку и право.

– Меѓусебната поддршка на земјите на Западен Балкан е императив. Ако нема спремност да се разбереме, подржиме и почитуваме, тогаш самите си го отежнуваме патот кон ЕУ – нагласи Сиљановска-Давкова. (Б. Ѓ.)

Задоцнето барање на Томас Вајц

Врзано за барањето на известувачот во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој ја повика правната служба на ЕС итно да ја разјасни сета двосмисленост во врска со правниот статус на вториот билатерален протокол од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека е задоцнето тоа.

– Ново за нас е и тоа што господинот Вајс од ЕС побара толкување на природата на протоколот, односно записникот што стана интегрален дел од преговарачката рамка и на заклучоците. Мислам дека е задоцнето тоа, но секое правно барање е добро и дека уште при расправата за преговарачката рамка требало да се види за основните принципи и вредности на ЕУ – рече таа.

 

ИЗДВОЕНИ