– Ова не е Алиса од Луис Карол, туку неговата приказна ни беше инспирација, вратата низ која влеговме, но претставата оди на друго место. Ликовите се оние што ги паметиме од детството, само што сега ги среќаваме во поинакви околности, во свет што ни е познат повеќе отколку што би сакале. Нашата Алиса не е девојче, таа е возрасна жена. Веќе добро ги препознава правилата по кои функционира светот и токму затоа одбива да учествува во нив… – вели Моника Ставревска за својата дипломска претставата
„Алиса се враќа дома“ е насловот на дипломската претстава режирана од Моника Ставревска, според драмски текст на Ивана Смилевска, која премиерно ќе биде изведена на 8 октомври, во Драмски театар Скопје. Ставревска е студентка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Скопје, во класата на професорката Зоја Бузалковска.
– Ова не е Алиса од Луис Карол, туку неговата приказна ни беше инспирација, вратата низ која влеговме, но претставата оди на друго место. Ликовите се оние што ги паметиме од детството, само што сега ги среќаваме во поинакви околности, во свет што ни е познат повеќе отколку што би сакале. Нашата Алиса не е девојче, таа е возрасна жена. Веќе добро ги препознава правилата по кои функционира светот и токму затоа одбива да учествува во нив. Тука се отвори и едно важно сознание: Зајачката Дупка не исчезнува кога ќе пораснеме – вели Ставревска за претставата.
А, во Срцелија сè е прекрасно. Барем според официјалните податоци. Никој не се буни, никој не прашува, а ако некој случајно помисли нешто поинаку – брзо ќе му помине. Но, Алиса има една чудна навика што не му прилега на добро уредено кралство: постојано прашува „зошто?“, како да е тоа најважно прашање на светот. Нејзиното одбивање да се вклопи во однапред зададените правила ги буди оние што кралскиот збор одамна ги убедил дека се бескорисни и ги прогласил за непослушници. И тогаш почнува бунтот. Оние што предолго молчеле повторно го наоѓаат својот глас. Но, колку е краток патот од отпор до нова форма на послушност? И ќе ги изеде ли револуцијата своите деца?
Најопасниот момент, додава Ставревска, доаѓа кога човекот ќе се откаже од себе и ќе го нарече тоа мир. Нејзиното последно прашање е едноставно: „Да побараме малку… одговорност?“
Авторката Ивана Смилевска, пак, ја зема зајачката дупка и ја претвора во метафора за просторот во кој ги потиснуваме стравовите, желбите, надежите и копнежите, но и за вечниот судир меѓу моќта и слободата.
-Заедно со Моника работевме на текстот, гледајќи како да експериментираме и да играме со него. Решивме да создадеме еден нов свет, различен од оној на Луис Карол, тргнувајќи од моментот дека најлесно се пишува кога го земаме искуството што го имаме и кога го гледаме светот во кој живееме – истакна Смилевска на вчерашната прес-конференција.

Главниот лик во претставата, Алиса, го игра Соња Стамболџиоска. За неа, процесот е средба со нов текст, нов режисерски глас и свет што првпат се создава на сцена.
– Би сакала секој од оваа претстава да го земе тоа што му треба. Сите сме ја читале „Алиса во џемјата на чудата“ и тој свет секогаш е интересен за нас. Но, јас со оваа претстава гледам дека малку живееме во светот на чудата. А, што се чудата? Што е моќта, што е идентитетот, што е одговорноста? Кога треба да преземеш, што е твоето место во светот, дали кога се бунтуваш против наметнатите вредности? Што е бунтот? Дали треба да седиш рамнодушен или да преземеш лична одговорност, која ја бараш и од другите? – посочи Стамболџиоска. Нејзиниот најдиректен контрапункт е Црвената Кралица, лик што го толкува Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Во нејзиното читање, бајката станува вознемирувачка токму во моментот кога почнуваме да ја препознаваме во реалноста.
– Власта им припаѓа на моќните, но светот би требало да им припаѓа на правичните. И токму тука се отвора прашањето: дали приказните навистина се само приказни? Дали доброто секогаш го победува злото или тоа е нашата потреба да веруваме дека на крајот светот, сепак, мора да воспостави некаква правда? – кажа Драгиќевиќ-Пројковска.
Во улогата на Белиот Зајак настапува Александар Степанулески, кој го издвојува начинот на кој актерот во процесот не останува само извршител на режисерската замисла туку станува и активен учесник во нејзиното создавање.
Во актерската екипа, освен членови на ансамблот на Драмски, учествуваат и млади актери од ФДУ. Златко Митрески го глуми ликот на Чешит Мачорот, Ања Митиќ е Дина, Филип Трајковиќ – Гасеницата, Трајанка Илиева-Вељиќ – Белата Кралица, Ангела Пејковска, Нина Елзесер и Ирена Димеска – Цвета, Ружа и Невена, како и Томислав Давидовски и Марјан Наумов како Твитл Ди и Твитл Дам.
Креативниот тим го сочинуваат Ивана Смилевска – автор, Моника Ставревска – режисер, Александра Бошковска – драматург, Филип Лафазановски – асистент на режисерот, Ненад Тонкин – сценограф, Роза Трајческа – костимограф, Лука Тошев – автор на музиката и Леа Манева – продуцент. Дизајнот на плакатот е на Николас Димес, фотограф е Филип Лафазановски, а видеограф е Димитар Атанасоски.
Праизведбата е на 8 октомври во 20:00 часот, во Драмски театар Скопје, а следните репризни изведби се на 9, 15 и на 21 октомври. (Д. Т.)












