Владата го правда второто прекројување на Буџетот со намалените приходи од акцизите и ДДВ за горивата, додека економистите предупредуваат дека дефицитот се приближува до планираното годишно ниво. Ексминистерот за финансии, Никола Поповски, укажува на ризикот од дополнително задолжување, а економскиот експерт, Синиша Пекевски, за весникот ВЕЧЕР на проблемите со планирањето на приходите. Опозицијата смета дека буџетската дупка е последица на лошо менаџирање, додека, од власта, потегот го претставуваат како мерка за заштита на стандардот

 

Најавата за втор ребаланс на Буџетот за 2026 година повторно отвора дебата за состојбата со јавните финансии, откако од Владата соопштија дека приходната страна ќе мора повторно да се коригира. Причината, според најавите, е намалувањето на приходите од акцизите и ДДВ за горивата, мерки со кои, како што образложуваат од власта, се влијае врз цените и се штити стандардот на граѓаните.

Станува збор за намалување на приходите во износ од околу 7 до 8 милијарди денари, односно до околу 130 милиони евра. Новото прекројување на Буџетот доаѓа само неколку месеци по јулскиот ребаланс, со кој приходите беа проектирани на 379,5 милијарди денари, расходите на 425,8 милијарди, а дефицитот на 46,3 милијарди денари или 4,1 процент од БДП.

Премиерот Христијан Мицкоски ја поврза најавата за втор ребаланс со мерките за горивата, односно со намалените акцизи и ДДВ. Власта смета дека со овие мерки се амортизираат ценовните удари врз граѓаните, но истовремено се намалуваат и буџетските приходи.

Економистите, сепак, различно ја толкуваат потребата од ново прекројување на државната каса. Поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, деновиве изјави дека вториот ребаланс ќе биде нужен, но предупреди дека тоа не е добра слика за економијата. Според него, буџетскиот дефицит до крајот на третиот квартал, веројатно, ќе се приближи до годишното планирано ниво, поради што финансирањето на потрошувачката во последните три месеци од годината ќе биде ограничено. Поповски предупредува и дека продолжувањето на големите инфраструктурни инвестиции преку странски кредити ќе го зголемува јавниот долг и ќе создава дополнителен товар за неговото идно финансирање. Особено ги посочува патната и железничката инфраструктура.

Економскиот аналитичар, Синиша Пекевски, смета дека вториот ребаланс не е позитивен сигнал. Според него, проблемот е во планирањето на приходите и во начинот на управување со јавните финансии.

– Планираните приходи се лошо испланирани и заради тоа се прави втор ребаланс, а нема голема кризна ситуација – вели Пекевски, додавајќи дека состојбата треба да биде сигнал за преиспитување на економската политика и кадровските решенија во институциите.

Академик Таки Фити, пак, уште пред половина година ја предвиде состојбата и предупреди дека намалувањето на акцизите и ДДВ може да резултира со помали буџетски приливи. Тој тогаш оцени дека, доколку продолжи кризата, ќе биде потребен ребаланс на Буџетот, но и намалување на непродуктивните трошоци.

По најавата на втор ребаланс, опозициската партија, СДСМ, веднаш упати остри критики преку своите социјални канали, посочувајќи дека власта лошо менаџира со економијата. Оттаму велат дека ребалансот се должи на неспособност за планирање, а не на попустите за горивата.

– „Од шупливо во празно“ – вака СДСМ ја обвинува Владата дека буџетската дупка од 7 до 8 милијарди денари ќе ја крпи со нови кредити и дополнително задолжување на граѓаните.

Од Либерално демократската партија оценката е поостра. Оттаму тврдат дека буџетската дупка не е само последица на мерките за горивата туку и на, како што велат, лошото планирање на приходите и зголемените расходи. Бараат Владата да ги објави деталните пресметки за приходите и расходите и да се намалат непродуктивните трошења. Велат дека вториот ребаланс е доказ за лошо планирање, додека власта го претставува како неопходна корекција предизвикана од мерките за заштита на стандардот.

Владините претставници и поддржувачи го презентираат овој чекор за втор ребаланс на буџетот како одговорен потег. Во коментарите на социјалните мрежи се нагласува дека Владата свесно жртвувала буџетски приходи (преку акцизи и ДДВ) за да ги задржи цените на дизелот и бензинот пониски во споредба со регионот. Поддржувачите нагласуваат дека инфлацијата е успешно стабилизирана под европскиот просек, па скротувањето на трошоците преку ребаланс е неопходна мерка.

Граѓаните, пак, изразуваат поделени мислења. Многумина стравуваат од тоа каде ќе се кратат расходите, дали тоа ќе влијае врз капиталните инвестиции, инфраструктурните проекти или врз социјалните трансфери.

– Иако горивата поевтинуваат, животниот стандард и натаму ни е под притисок. Поевтиниот литар сè уште е тежок трошок за една просечна македонска плата – коментираат граѓани и изразуваат недоверба кон фискалните политики.

Во јули, годинава, беше направено првото прекројување на државната каса, а според тогашното образложение на Министерството за финансии, со измените биле обезбедени дополнителни средства за капитални инвестиции, локален развој, земјоделство, социјална заштита и за исполнување на законските обврски на државата.

Владата веќе има искуство со повеќе буџетски корекции во една година. Во 2022 година, во услови на енергетска и ценовна криза, Министерството за финансии тогаш посочуваше дека биле направени два ребаланса.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ