Јован Јосифовски е добитник на „Денес“ за 2026 година, најстарата и една од најзначајните независни награди во земјава, за млади визуелни уметници до 35 години.
Наградата, која вклучува двомесечен престој во „Резиденси Анлимитед“ во Њујорк во 2027, му беше доделена на Јосифовски за неговата досегашна уметничка практика и за нејзиниот актуелен развој.
Жирито оцени дека делото „Оддел за управување со бесот“, претставено во рамките на изложбата на наградата “Денес“, го означува моментот на промена во практиката на Јосифовски, кој убедливо ја образложил оваа трансформација и во својата презентација пред жирито.
– Неговата практика се наоѓа во пресуден момент на трансформација и сметаме дека Њујорк, во овој период од неговиот уметнички развој, ќе му понуди соодветна и поттикнувачка средина за понатамошна работа – стои во образложението на жирито.
Годинава, првпат, сите финалисти за наградата „Денес“ добија значајни признанија. Ана Трајковска е номинирана за реализација на самостојната изложба во Скопје во 2027. Жирито смета дека ова е вистински момент во нејзиниот развој за да добие можност да ги продлабочи своите идеи и, со соодветна поддршка, да ги развие во самостоен изложбен проект. Сергеј Калеников, пак, е номиниран за едномесечен престој во галеријата „Простор“ во Сплит. Жирито го препозна неговиот неодамнешен развој кон поекспериментални насоки во работата, проследен со поголема самодоверба и храброст, оценувајќи дека престојот ќе му овозможи да ги продлабочи овие нови насоки во својата практика.
Одлуката за наградата ја донесоа: Натали Онглес, извршна директорка и коосновачка на „Резиденси Анлимитед“, Њујорк; Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград и Илија Прокопиев, визуелен уметник, културолог и актуелен уметнички директор на галеријата „Шкуц“ во Љубљана.
Наградата „Денес“ е основана во 2002 година, од Центарот за современи уметности – Скопје. Од 2015 година, наградата ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамките на фестивалот за современи уметности – „Акто“.












