вторник, октомври 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бесежето привремено стопирана и во Македонија, се проверуваат сериите

Бесежето привремено стопирана и во Македонија, се проверуваат сериите

0

По одлуката на хрватските власти да ги суспендираат дистрибуцијата и употребата на бесеже-вакцината произведена од бугарската компанија „Бул био НЦИПД“ од Софија, привремено се одложува имунизацијата со оваа вакцина и во Македонија. Причината е што се работи за ист производител, а македонските здравствени власти сега ги проверуваат сериите што се употребуваат кај нас. Претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, потврди дека во моментов во земјата нема пријавено ниту еден случај на несакана реакција од оваа вакцина.

– Но, имајќи предвид дека сакаме превентивно да делуваме, Комисијата даде препорака за времено одложување на вакцинација со бесеже-вакцината сè додека не ги добиеме комплетните информации, а тоа се дали сериите што се користат во моментов во Хрватска соодветствуваат со сериите кај нас и дали МАЛМЕД, Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство ќе истражат дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции – изјави Грозданова.

Хрватска претходно, на барање од ХАЛМЕД, ги суспендираше дистрибуцијата и употребата на сите серии од вакцината поради сомневање за неисправност во квалитетот, откако биле следени извештаи за сомнителни несакани ефекти.

– Остеомиолитот прво е воспалување на коската и тука не е само отокот, тука е и температурата, ќе има оток, ќе има и болка и други придружни симптоми. Не е тоа нешто што настанува акутно, туку постепено. Со оглед дека досега навистина немаме регистрирано остеомилид како компликација на бесеже-вакцината, мислам дека нема потреба да се прави паника меѓу родителите – велат од Комисијата за имунизација.

Хрватската агенција соопшти дека ќе остане мерката во сила до завршувањето на истрагата. Во Македонија, пак, веднаш била контактирана МАЛМЕД.

– Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава – велат од Министерството.  Оттаму нагласуваат дека бесеже-вакцинацијата во земјава е задолжителна поради ризикот од туберкулоза.

– Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна, имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза – се наведува во соопштението.

На Институтот за ТБЦ во моментов има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се случаи регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“, пак, во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година досега – 12 нови случаи. Од Министерството истовремено уверуваат дека досега во Македонија не е регистриран број на пријави што би упатувал на поширок проблем со бесеже-вакцината.

– Воедно, потенцираме дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од бесеже-вакцина (во август 2022 година) – соопшти Министерството.

Станувало збор за „појава на апцес на местото на апликација на вакцината“, за која од Министерството велат дека „како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината“.(П.А.)

ВАКЦИНИ ЗА ГРИП НЕМА – ТЕНДЕРОТ БЕЗ НИТУ ЕДНА ПОНУДА

Министерството за здравство уверува дека се прават напори да бидат обезбедени вакцините против сезонски грип што побрзо, за вакцинацијата на ранливите категории граѓани да почне според планираното. Од Министерството објаснуваат дека причината е глобален проблем во производството.

– На објавениот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда, причината е проблем во производството на глобално ниво, а не во нашата постапка – информираат од Министерството.

Оттаму велат дека оваа година првпат истовремено се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината: два за грипот А и еден за грипот Б.

– Светската здравствена организација и американската агенција ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите во светот – посочуваат од Министерството.

Очекувањата се да бидат обезбедени вакцините во текот на октомври, преку меѓународни канали.

– Вакцинацијата останува најсигурна заштита од тешки облици на грип и компликации, особено за хронично болните, постарите лица и за бремените жени – велат од Министерството, од каде што додаваат дека граѓаните навремено ќе бидат информирани за секој напредок.

ИЗДВОЕНИ