Министерот за одбрана, Израел Кац, им нареди на ИДФ да го подигнат степенот на готовност за кое било можно сценарио во Газа, повикувајќи се на разузнавачки информации за намерата на Хамас да изврши напади врз израелските трупи стационирани по должина таканаречената „жолта линија“, која се протега низ повеќе од половина од територијата на Појасот
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денеска им наложи на вооружените сили да се „подготват за какво било сценарио“ во Појасот Газа, имајќи ја предвид можноста за нови напади на Движењето за исламски отпор – Хамас. Ова се случува непосредно пред третата годишнина од нападите на 7 октомври 2023 година, кои ја поттикнаа израелската офанзива од големи размери врз палестинската енклава.
Кац им нареди на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да го подигнат степенот на готвност за кое било можно сценарио во Газа, повикувајќи се на разузнавачки информации за намерата на Хамас да изврши напади врз израелските трупи стационирани долж таканаречената „жолта линија“, која се протега низ повеќе од половина од територијата на Појасот. Во соопштението од неговиот кабинет e нагласена „потребата од подготовка за најлошите можни сценарија и за одговарање со голема сила на какви било разузнавачки податоци или предупредувања со цел да се спречи каква било закана“ – директива што „се надоврзува на интензивните операции кои веќе се во тек“.
– Доколку нашите сили претрпат каква било штета, Хамас и населението во Газа ќе платат висока цена, цена што ќе биде непропорционална, предупреди Кац.
Ова се случува во контекст на континуирани израелски напади врз Појасот и покрај договорот за прекин на огнот постигнат пред речиси една година. Оттогаш, според податоците на властите во Газа, во енклавата загинале 1.460 луѓе. Истовремено, израелската армија овој вторник соопшти за уништување на „подземен премин долг 1,5 километри“ во северниот дел на Појасот Газа, во област лоцирана „источно од ’жолтата линија‘“, кон која израелските сили се повлекоа по договорот од октомври 2025 година за спроведување на предлогот на САД во врска со иднината на палестинската територија.












