Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 5 јуни, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии „75 за 75“. Автор на проектот е м-р Каролина Мицевска, а на изложбата ќе бидат изложени 75 фотографии на канвас со претстави што оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“.

Сцена од „Кир Јања“, првата претстава на НТ „Војдан Чернодрински“

– Tеатарот „Војдан Чернодрински“ опстојува 75 години, а како една од институциите со најдолга традиција во Градот Прилеп, има богата архива од текстови и фотографии од претставите одиграни на сцената низ годините. Фотографиите од претставите се уметност, преку кои Театарот, низ времето, ја пренесувал, односно ја раскажувал приказната што се случувала на сцената. Тие се редовен сопатник на секоја претстава. Илјадници фотографии се дел од архивата на театарот „Војдан Чернодрински“, која се дигитализира и ќе биде достапна за јавноста. Мал дел од тие фотографии, почитувани, сега се пред вас. Заради симболиката, 75 години театар, избравме 75 фотографии да ја отсликаме 75-годишнината од опстојот и растежот на Театарот. На поставката со фотографии на канвас, презентирани се моменти од претстави наградувани низ годините, претстави што оставиле белег во историјата на театарот „Војдан Чернодрински“ и од претстави што биле најдолго на репертоарот и биле најгледани. Се надевам дека со овој избор, преку фотографијата, на публиката ќе ѝ ја доближиме историјата на театарот „Војдан Чернодрински“, со која Прилеп и прилепчани се гордеат – вели авторката м-р Каролина Мицевска.

Полковникот птица, 1998

Во Театарот досега се прикажале над 350 премиери, се одиграле повеќе од 7.000 претстави, гледани од1,7 милиони луѓе. Меѓу првите театри започнал со поставување на домашни драмски текстови, па на сцената праизведби доживеале текстови од македонските драмски автори: Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески… Театарот „Војдан Черндорински“ од 2004 година е дел од ЦК „Марко Цепенков“. Низ годините, најмногу претстави режирал Благоја Дамевски, вкупно 62, а по 24 пати на претстави се потпишале Коле Ангеловски и М. Стефановски. Биле поставени 282 текста, режирани од 70-мина режисери. Дел од претставите освоиле награди на меѓународни и на домашни фестивали.

ИЗДВОЕНИ