Поштата на Македонија издаде специјална поштенска марка во чест на одбележувањето на 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Поштенската марка е изработена од Бирото за филателија на АД Пошта, а дизајнот е на Лариса Донев.

На денешната промоција на јубилејната поштенска марка по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во Порта Македонија, се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Рече дека со ова му оддаваме чест на нашиот македонски јазик.

– Македонскиот јазик е трајна вредност што ги преживеала времето, притисоците и обидите за негирање. Затоа оваа поштенска марка има огромно значење. Таа ќе патува по светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го граделе и го збогатувале македонскиот јазик. Истовремено ќе биде и потсетник дека македонскиот јазик живее и трае. Има своја историја, своја убавина и своја сила – рече Љутков.

Директорот на Поштенски сообраќај, Бојан Кереместевски, пак, истакна дека поштенските марки се амбасадори на земјата.

– Поштенската марка нека биде доказ дека повеќе си го сакаме и почитуваме македонскиот јазик на кој се напишани безброј дела на нашите македонски автори – рече тој.

Номиналната вредност на марката е 36 денари, а испечатена е во тираж од 6 илјади примероци.

ИЗДВОЕНИ