среда, октомври 28, 2026
Дома СКОПСКА Се гланца плоштадот „Македонија“, повторно оживува и подната фонтана/ФОТО

Се гланца плоштадот „Македонија“, повторно оживува и подната фонтана/ФОТО

54

Градот Скопје спроведува темелно чистење на плоштадот „Македонија“, а по долгогодишна запоставеност и подната фонтана повторно ќе биде во функција – соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

-Плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се нашиот белег. Лицето со кое Скопје го пречекува светот и срцето во кое секој скопјанец чува дел од својот живот. Нивниот сјај е наша гордост. Нивното зачувување е наша одговорност. Затоа, темелно и редовно го чистиме плоштадот „Македонија“, а по години запоставеност, повторно ја оживуваме подната фонтана. Го враќаме местото на детската радост, на средбите и на убавите спомени. Го враќаме сјајот што му прилега на центарот на нашето Скопје – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Градоначалникот истакна дека подната фонтана во моментов е пуштена во пробна работа и се вршат проверки, калибрирање и прецизно нагодување, за да работи правилно и повторно да биде еден од препознатливите симболи на градот.

-Просторот на подната фонтана никогаш повеќе нема да биде премин за автомобили и тешки товарни возила. Плоштадот им припаѓа на граѓаните и така ќе остане. Чистењето не е еднократна акција, туку секојдневна работа. Обновата нè обврзува на трајно одржување, а секое вложување на одговорност да го зачуваме. Јас останувам посветен на дадениот збор. Заедно да го чуваме она што ни припаѓа на сите. Скопје го правиме заедно – дециден е Ѓорѓиевски.

Фото: (П.С.)

ИЗДВОЕНИ