Почна уредувањето на новиот паркинг во штипската населба Пребег, а започнаа и градежни активности за асфалтирање на две улици.
Ова го најави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека од буџетот на Општината се издвоени преку два милиони денари, со цел да се подобри инфраструктурата и во ова населено место.
– Се работи на уредување на паркинг-простор во населбата Пребег. Освен нов паркинг-простор, предвидено е да се асфалтираат две улици, а тоа се: „Славонска Пожега“ и „Баница“– истакна Јорданов.
Тој наведе дека дополнително се работи на поставување нова водоводна мрежа, со што ќе се реши и проблемот со водоснабдувањето како и слабиот притисок на вода, кој беше честа појава во повисоките делови од Штип, вклучувајќи ја и населбата Пребег. Јорданов посочи дека на ваков начин се помага, за да се зголеми бројот на инвестиции и проширување на населбата.
– Следниот период ќе се започне со поставување нова водоводна мрежа која значително ќе овозможи поголем капацитет за проширување на населбата со нови објекти – информираше Јорданов.
Освен започнатите активности во населба Пребег, се работи и на паркинг и на асфалтирање улици и во населбата Сењак во Штип.












