Еколошкиот криминал во светот се смета за еден од најголемите и најскапите видови криминал, но истовремено и за најмалку гонет. Ова особено важи за Југоисточна Европа, каде што досега се процесирани само 57 случаи. Ова го истакна директорот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на обуката за претставници на Секторот за заштита на природата и биодиверзитетот, посветена на процена на ризикот од корупција (ПРК).

Хани нагласи дека мандатот на РАИ не се ограничува само на борба против корупцијата, туку и на градење трајна култура на интегритет. Секторот за заштита на животната средина, според него, е еден од најосетливите сектори со висок ризик од корупција.

– Заштитата на животната средина е од особено значење, бидејќи еколошкиот криминал е меѓу најскапите и најмалку гонети криминали во светот – истакна Хани.

Еден од клучните предизвици во борбата против овој вид криминал е потребата од значителни финансиски и човечки ресурси за докажување на сторените дела. Недоволната регулација на секторот за животната средина дополнително создава простор за дискреција и донесување одлуки под влијание на различни интереси, што го комплицира процесот на следење и санкционирање на сторителите.

Хани додаде дека развојот на конкретни алатки за мониторирање, преку прашалници и посебни инструменти, ќе помогне навремено да се идентификуваат ризиците од корупција и недостатоците во надлежностите на институциите. Сепак, смета дека главната одговорност за превенција паѓа на раководителите на институциите и на лидерите на државата, нагласувајќи дека секторот за животна средина е сектор што е помалку регулиран, а со тоа и повеќе изложен на корупција.

На настанот присуствуваше и австрискиот амбасадор, Мартин Памер, кој апелираше на доследна примена на антикорупциското законодавство и градење култура на интегритет:

– Би апелирал до сите, од највисоките политички претставници до граѓаните, да бидат одговорни, доследни и совесни. Најдобрите закони и регулативи не помагаат ако не се применуваат, не се почитуваат и не се следат на дневна основа – нагласи Памер, потврдувајќи ја поддршката на Австрија на Република Македонија на патот кон членство во Европската Унија.

Македонскиот Кривичен законик предвидува различни казни за дела што штетат на животната средина. За загадување на воздух, вода или почва, или доведување до опасност на здравјето на луѓето или животински/растителни видови, казната е од 1 до 5 години затвор, додека ако делото предизвика тешка повреда на здравјето, смрт или штети што тешко се отстрануваат, казната може да достигне 10 години затвор.

За загадување на пивка вода, правно или физичко лице може да добие парична казна или до 3 години затвор, а при епидемија, до 5 години. Други еколошки дела, како што се загадување на вода или храна за животни, се казнуваат до 3 години затвор, додека нелегалното фрлање или ракување со опасен отпад може да донесе казна до 10 години затвор. Нелегалниот лов или риболов со опасни методи се казнува со затвор до 5 години, зависно од тежината на делото.

Со најновите измени на законот се воведува и кривично дело „екоцид“, кое се однесува на сериозно, широко распространето или долгорочно оштетување на животната средина со намера или груба неодговорност, за што е предвиден затвор најмалку 10 години или доживотен затвор. Практично, основните еколошки дела најчесто се казнуваат со 1 – 5 години затвор, тешките последици по животот, здравјето или екосистемот водат до повисоки казни, а воведувањето на екоцидот ја зајакнува рамката за најтешките форми на еколошки криминал, обезбедувајќи поголема строгост за намерно уништување на животната средина.

Обуката е дел од проектот „Југоисточна Европа – Заедно против корупцијата II” (СЕЕ-ТАК II), финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) и имплементиран од РАИ и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ). Проектот се спроведува во шест западнобалкански земји и ќе трае до мај 2027 година, за да се зајакнат институционалните капацитети во борбата против корупцијата и еколошкиот криминал.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ