– Да не се молчи, тоа е прво и основно. Секогаш ќе постои барем некој што ќе биде тука и ќе разбере што ти се случува. Насилството не смее да се игнорира. И се надевам дека тоа е впечатокот што ќе си го понесат младите од гледањето на филмот и што ќе биде повик за нивно будење – истакна Мартина Даниловска, која ја толкува тинејџерката Лина во филмот „17“, кој беше премиерно прикажан пред македонската публика вчеравечер, во МНТ
„17“ – суров, вознемирувачки, реален, актуелен. Загрижува, предупредува и опоменува.
Филмот на Косара Митиќ за сексуалното насилство кај младите и за последиците од него, вчеравечер, во МНТ, на неговата македонска премиера, никого не остави рамнодушен. Скопската публика со силен и долг аплауз го награди долгометражното деби на режисерката, кое е инспирирано од вистински настан и ја следи Сара, која се обидува да ја скрие својата бременост од родителите, соучениците, наставниците, а дејството се случува во текот на нејзината матурска екскурзија.

Митиќ на големото платно суптилно ја претставува оваа горлива и актуелна тема во македонското општество, ставајќи ги во фокусот главната протагонистка, средношколката Сара, и нејзината лична борба со себеси поради криењето на бременоста, молкот пред родителите, соучениците, наставниците. Камерата, која речиси не се одвојува од лицето на Сара, ја прикажува толку јасно секоја нејзина мисла, болка, целата психолошка состојба што ја мачи младата душа, која преживува вистински кошмарни ситуации, од насилен секс до принудно породување во тоалет на граница. Филмот ни дава вистински приказ за современата генерација млади луѓе што ги загубила сите морални вредности, но и за „слепилото“ на родителите, наставниците, целиот систем, кои не забележуваат што навистина се случува со децата. Драматичните сцени, кои толку реално и за пофалба се одиграни од сите млади актери во филмот, треба да бидат аларм, да освестуваат дека треба да се преземе многу во реалноста, а не нешто.

Како што истакна на денешната прес-конференција режисерката Косара-Митиќ, креирањето на филмот почнало од вест во медиумите, каде што се породила млада девојка сама во тоалет и таму го оставила своето бебе.
– Во тоа време, на прво читање, случајот ми беше интересен. Меѓутоа, во еден момент сфатив дека тоа е само маска, тоа е само спектакл. Мене не ме интересираше тоа, ме интересираше нешто подлабоко. Никој не знае низ што поминала таа девојка за да направи еден таков чин. Мене ме интересираше тоа – рече Митиќ, образложувајќи ја иницијалната каписла за филмот „17“.
Режисерката посочи и дека насилството, кое се случува секојдневно, веројатно нема да престане.
– Ќе се случуваат такви работи, но проблемот е во тишината. Затоа велам, нема ништо понасилно од самата тишина. Односно кога не можеш гласно да го кажеш тоа што ти се случува. Едноставно треба силна општествена структура за да ги заштити жртвите – додаде таа.
Како што е познато, долгометражното деби на Митиќ е македонски кандидат за наградата „Оскар“, во категоријата за најдобар меѓународен игран филм.
За продуцентот Томи Салковски, кандидатурата за „Оскар“ не е најголемиот успех на овој филм.
– Мислам дека го видовме успехот на филмот на премиерата. Многу ми е драго што го виде нашата публика. Одиме и на фестивали низ целиот свет, тоа ни е многу важно. Еве, Косара сега е на два-три фестивали одеднаш. Но, тоа што го гледам како успех е одѕивот на публиката на фестивалите, на филмската критика, на професионалците, што мене лично, како продуцент, ми е многу важно – рече Салковски.
Додаде дека ова е вид филм што сите ќе нè соочи со вистината, со проблемите, со реалноста што, можеби, не сакаме да си признаеме дека е пред нас или не сакаме да се соочиме со тоа.
– Косара е тој тип на режисерка, тип на авторка што сака да отвори некои сериозни или закопани теми, прашања, вистини или реалност. Така што уште кога дојде кај мене, таа знаеше дека сака да го направи ова на овој начин, директно – истакна Салковски.

Филмот нè води низ перспективата на Сара, а неа маестрално и зрело ја толкува Ева Костиќ. Покрај одличната изведба низ целото остварување, Костиќ импресивно доловува сцена во која седумнаесетгодишната Сара сама се породува во тоалет.
– Доста зборувавме со Косара за ликот и за тоа што требаше да играм. Тоа е нешто што го немам доживеано. И ликот и таа сцена беа поткрепени со многу истражувања, со доста разговори. Со гинеколог, со асистентка, исто така, со акушерка. Гледав различни начини на породување – од породување дома, потоа во болница, како и кај некои племиња. Сакав да ги видам сите типови од тој чин за на крајот да можам да дојдам до некаков заклучок како да одглумам девојка што не знае што ѝ се случува во телото, а што треба да го доживее тоа и каде да го направам точниот баланс. И така произлезе таа сцена – рече Костиќ.
Во филмот, најдобрата другарка на Сара, Лина, пак, ја толкува Мартина Даниловска. И нејзиниот лик во филмот доживува сексуално насилство. Како што истакна Даниловска, филмот треба да ѝ укаже на младата генерација дека не смее да се молчи доколку постои насилство, бидејќи сведоци сме што се случува секојдневно, особено овие денови.
– Да не се молчи, тоа е прво и основно. И дека секогаш ќе постои барем некој, еден човек што ќе биде тука и ќе разбере што ти се случува, како што им се случува на нашите два лика, Сара и Лина. И дека не смее да се игнорира насилството. Бидејќи суштината на она што ѝ се случува на Сара е игнорирањето на генералното насилство и неговото нормализирање. И се надевам дека тоа е впечатокот што ќе си го понесат младите од гледањето на филмот и што ќе биде повик за нивно будење – истакна Даниловска.

За Даме Јовески, кој го игра ликот на Филип, како за женскиот така и за машкиот дел од екипата, тешко и непријатно било снимањето на сцените каде што има сексуално насилство.
– Долго се подготвувавме и многу време посветивме на тие сцени бидејќи знаевме дека нам, како млади деца што треба да изиграме нешто такво, ќе ни бидат тешки. Притоа јас лично не ги познавав ни Ева ни Мартина. Шест месеци, секој ден се спремавме, во мојот случај, мојот лик да не го гледа тоа како грешка, а за нив тоа да биде тешко. Така што до моментот на снимањето сè беше истренирано, имавме подготвеност и заедничка сплотеност, сè благодарение на Косара – рече Јовески.
Во другите улоги во филмот настапуваат: Петар Маниќ, Ева Стојчевска, Јован Тодоров, Ана Стојановска, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски.
Режисерката Митиќ го потпишува сценарио заедно со хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ. Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, во продукција на „Црна мачка“.
Својата светска премиера „17“ ја имаше во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал и оттогаш се прикажа на повеќе фестивали и се закити со многу значајни награди.
Филмот, кој премиерно се прикажа во рамките на 26. Скопски филмски фестивал, веќе може да се види на редовниот репертоар во „Синеплекс“ во Скопје. (Н. И. Т.)












