„Охридско лето“ подготвува три ексклузивни концерти со реномирани уметници од меѓународната сцена, надвор од редовните фестивалски денови.
Првиот концерт ќе се одржи на 17 ноември, (20 ч.), во Камерната сала на Македонската филхармонија, каде што ќе настапат виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек.
Вториот концерт ќе се одржи на 4 декември, во 19 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, со настап на извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.
Концертната година „Охридско лето“ ќе ја заокружи на 7 декември со предновогодишен концерт во Охрид, подготвен како музички подарок за градот и неговата публика. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата.
– Со овие три концертни настани, „Охридско лето“ ја потврдува својата посветеност на континуирано негување и промовирање на врвната музичка уметност. Активностите надвор од летната фестивалска сезона се продолжение на нашата мисија – да ѝ овозможиме на публиката средби со значајни уметници и квалитетни музички содржини, а воедно да придонесеме Охрид да стане препознатливо место на меѓународната културна сцена и во текот на целата година“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Концертите се бесплатни за посетителите.












