петок, ноември 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Големите компании го префрлаат профитот во даночни раеви: Европа губи милијарди

Големите компании го префрлаат профитот во даночни раеви: Европа губи милијарди

0

Државите членки на Европската унија годишно губат приближно 59,3 милијарди евра од даночни приходи поради префрлањето на профитот од страна на мултинационалните корпорации во јурисдикции со пониски даночни стапки, а според анализата на организацијата „Tax Justice Network“ (Мрежа за даночна правда), околу осум милијарди евра од овие загуби се поврзани со Обединетото Кралство и неговата мрежа од даночни раеви.

Според податоците што ги пренесува „Euronews“, Обединетото Кралство, неговите прекуморски територии и крунските зависни територии се поврзани со приближно 13,6 отсто од вкупните даночни загуби на Европската унија.

Анализата, објавена на 5 ноември заедно со ажурирањето на Индексот на даночни раеви за корпорации (Corporate Tax Haven Index), се заснова на податоци од 2022 година – последната година за која се достапни релевантни бројки.

Франција бележи најголеми проценети годишни загуби, во износ од 13,1 милијарда евра, додека Германија губи приближно 11,8 милијарди евра. Заедно, овие две земји сочинуваат 42 отсто од вкупните проценети даночни загуби на ЕУ.

По нив следуваат Шпанија со загуби од 4,8 милијарди евра, Полска со 4,7 милијарди и Белгија со 4,1 милијарда евра.

Италија годишно губи приближно 3,6 милијарди евра, Холандија 3,5 милијарди, а Луксембург 3,2 милијарди евра.

Загубите надминуваат една милијарда евра и во Ирска, Шведска и Австрија, додека најниски бројки се забележани во Литванија, Малта, Латвија, Естонија и Хрватска. Според проценките на организацијата „Tax Justice Network“, Франција е земјата во ЕУ со најголеми загуби поврзани со британската мрежа од даночни раеви – кои изнесуваат приближно 2,8 милијарди евра, односно 21,3 отсто од вкупните проценети загуби на оваа земја.

Во Германија, загубите поврзани со британската мрежа се проценуваат на 1,4 милијарди евра, додека во Луксембург тие изнесуваат 570 милиони, во Шпанија 475 милиони, во Полска и Италија по 438 милиони, а во Белгија 415 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ