Дваесетина лета беа приземјени само во четвртокот, а Италија за некои авиони за кои имаше порака за поставена бомба, ги подигна борбените авиони за да ги следат до слетувањето. Потписот „Борци на машката држава“ на некои од заканите се поврзува со руската „Мужској легија“ или „Машка легија“, ултрадесничарска група што има толку екстремни ставови што ја забрани московскиот суд во 2021 година, но, сепак, задржа десетици илјади следбеници на „Телграм“. Засега нема цврсти докази што го поврзуваат овој случај со Русија, Иран или со која било од нивните групи
Европската комисија сè уште не знае дали лажните закани за бомби во авиони, кои приземјија десетици летови низ Европа последнава недела, се меѓусебно поврзани или се координиран хибриден, односно кибернапад. Комисијата вчера објави дека е прерано да се утврди тоа, додека европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цикикостас, напиша на својот профил на „Икс“ дека одделни земји почнале истрага.
– Одговорноста за процена на безбедносните закани, истражување инциденти и спроведување соодветни мерки за безбедност во воздухопловството е првенствено на надлежните национални органи, во соработка со операторите на аеродромите, авиокомпаниите и органите за спроведување на законот – рече тој.
Како што објави италијанската агенција АНСА, првите информации за е-поштата во која се известува дека има експлозивни направи во авионите на италијанските аеродроми ќе бидат проследени до надлежните обвинителства, кои потоа ќе отворат истраги. Случајот го водат припадници на аеродромската полиција и Одделот за високотехнолошки криминал. Засега не е исклучено да се поврзани овие закани со пораките што биле испратени до други авиокомпании во последните денови, како и до околу 280 училишта, во кои, исто така, било објавено за експлозивни направи. Е-поштата примена вчера изутрина наводно е потпишана од „Борци на машката држава“. Можно е името да се однесува на руската група „Мужској легија“ или „Машка легија“, ултрадесничарска група што има толку екстремни ставови што ја забрани московскиот суд во 2021 година, но, сепак, задржа десетици илјади следбеници на „Телграм“.
Заканите до неколку италијански аеродроми дошле од анонимен и-мејл, некои пораки биле на италијански јазик, насловени со „известување за закана“. Во остатокот на текстот, како што јавува италијанската агенција, наводно пишувало дека целта е „феминистичкиот режим“ и дека се сака да се остави трага во историјата. Во писмото имало и закана дека со експлозии ќе се обои небото во црвено. Според информациите на АНСА добиени од истражни извори, пораката испратена до аеродромот „Малпенса“ за поставени бомби во два авиони ги содржела броевите на летовите, имињата на авиокомпаниите, градовите од каде што полетуваат и времето на слетување на „Малпенса“. Во Италија, за некои летови за кои имаше закана, беа испратени борбени авиони за да ги следат до слетувањето.
Само во четвртокот едно по друго стигнаа предупредувања за бомби во најмалку 21 лет на неколку европски аеродроми. Во речиси сите случаи, со исклучок на лондонски „Хитроу“, извештаите се сметаа за доволно сериозни за да се пренасочат авионите или се подигнат борбени авиони. Сите закани за бомби се покажаа како лажни, што секако не значи дека следната нема да бидре вистинска, пишува Би-би-си. Синхронизираната и координирана природа на овие измами, во комбинација со други злонамерни дејства низ Европа, како, на пример, загревање на ладилниците во маркетите, испраќање дронови и слично, натера некои да го вперат прстот кон Русија. Многумина тврдат, исклучиво врз основа на индиректни докази, дека ова сигурно е уште еден пример за „хибридна“, „сива“ или „под“ војна – дејства што ѝ предизвикуваат штета на инфраструктурата или на општеството на една нација, но кои остануваат анонимни и неповрзани, со што се избегнуваат активирањето на членот 5 на НАТО и мобилизацијата на западен одговор. Би-би-си наведува дека Москва му е, секако, бесна на НАТО за поддршката на Украина и за спречувањето на плановите на Кремљ да ја проголта таа земја и практично да ја прекине нејзината независност. Руските блогери, исто така, сугерираа: ако украинските беспилотни летала во моментов ги прават руските аеродроми небезбедни, а западните санкции ги блокираат руските авиокомпании од европскиот воздушен простор, зошто не би ја чувствувале западните земји истата болка? Сепак, до четвртокот вечерта не се појавија цврсти докази што го поврзуваат случајот со Русија, Иран или со која било од нивните групи.
Истражителите се сомневаат дека лажните извештаи би можеле да бидат резултат на координирана европска операција, па активирани се меѓународните канали за соработка за да се утврди од кои сервери се испратени пораките и да се откријат ИП-адресите, што би можело да помогне во идентификувањето на одговорните. Засега се претпоставува дека се праќаат пораките од компромитирани сметки или преку анонимни е-поштенски услуги како што е „Протон мејл“.












