Под мотото „Сите бои на сеќавањето“, на 7 ноември, во Битола ќе се одржи концертот „Музика и слово“, посветен на македонското и хрватското музичко творештво. На концертот, кој ќе започне во 19 часот во КИЦ Офицерски дом, ќе настапат сопранистката Маја Митровска и пијанистката Јана Четелева-Белевска, истакнати уметнички со богато изведувачко и педагошко искуство.

Програмата носи спој на музиката и поезијата преку дела на познати македонски и хрватски композитори и поети, со што се создава уметнички дијалог меѓу двете култури. Публиката ќе има можност да ги слушне делата на Владо Малески, Трајко Прокопиев, Коле Неделковски, Кирил Македонски, Благој Цанев, Тодор Скаловски и Анте Поповски, како и творби од Владимир Назор, Иван Горан Ковачиќ, Иван Бркановиќ и Јосип Хатзе.

Меѓу избраните композиции се „Денес над Македонија“, „Галебот“, „Глас од Македонија“, аријата на Јана од операта „Гоце“, „Јама“, „Радост“, „Успаванка“ и „Шарпланинска приспивна“.

Маја Митровска зад себе има богата оперска кариера, настапи со бројни музички институции и долгогодишна педагошка работа во Државното музичко училиште во Битола.

Јана Четелева-Белевска е пијанистка со меѓународно образование и настапи во Европа и САД. Денес работи како професорка по пијано и активно придонесува за развојот на музичката култура во Битола.

Настанот е во организација на МХД – Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола, во соработка со КИЦ Офицерски дом и Општина Битола.

Влезот за концертот е слободен.

ИЗДВОЕНИ