В недела, „Женско рели 2025“

334

Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ) в недела, по шести пат, ќе организира женско рели по улиците на Скопје.

Организаторите велат дека организацијата на „Женско рели 2025“ се одвива според планираното, со забележлив раст на интересот за учество. Досега се пријавени над 80 учеснички од сите возрасти и се очекува да се зголеми бројот до денот на одржувањето.

За учество, секоја натпреварувачка мора да поседува возачка дозвола и сопствено возило и е задолжително присуство на совозач во тимот.

Релито е составено од два дела: градско возење по однапред зададена маршрута (која се соопштува непосредно пред стартот) и брзински испит, т.н. гимкана.

– Преку натпревар во вештини и брзина, сакаме да ги поттикнеме сите девојки и жени активно да се вклучат во овој убав спорт. Автомобилизмот не е само забава туку е и можност за развој, промоција на вредностите и култура на однесување во сообраќајот. Ова е важно за сите нас, бидејќи, како жени, ќе испратиме силна порака за еднаквост, позитивен дух, внимание и почит, како кон нашите натпреварувачки така и кон сите со кои секојдневно ги делиме улиците во градот – изјави Кристина Станојковска, потпретседателка на АФМ.

Релито е поддржано од повеќе домашни и меѓународни партнери. Автомобилистичката федерација на Македонија, како членка на ФИА, планира организација на уште вакви настани и натпревари во наредните години, со цел да се подигне не само видливоста туку и привлечноста на мотоспортот во Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ