Овие две планинарки, членки на планинарското друштво „Ај лав хајкинг“, успеаја за само четири дена да искачат 35 врвови на Шар Планина по повод 35 години од независноста на Македонија. Тие поминаа 110 километри, совладаа вкупна висинска разлика од 8.400 метри и ги искачија 35. врвови без логистичка поддршка, носејќи по 20 килограми товар на грбот. По овој храбар потег тие ќе останат и запаметени. Велат, границите не се поместуваат одеднаш. Се поместуваат чекор по чекор, врв по врв
Подвигот на Благица Владимировска и Ема Лазареска, и двете од Скопје, заслужува да допре до јавноста не само поради импресивните бројки туку и поради она што тие го претставуваат: храброст да се постави голема цел, дисциплина таа да се следи и сила да се стигне до крајот. Овие две планинарки, членки на планинарското друштво „Ај лав хајкинг“, успеаја за само четири дена да искачат 35 врвови на Шар Планина по повод 35 години од независноста на Македонија. Тие поминаа 110 километри, совладаа вкупна висинска разлика од 8.400 метри и ги искачија 35. врвови без логистичка поддршка, носејќи по 20 килограми товар на грбот. По овој нивни храбар потег тие ќе останат и запаметени. Велат, границите не се поместуваат одеднаш. Се поместуваат чекор по чекор, врв по врв.
Дваесет и деветгодишната Ема Лазареска, инаку архитект по професија, а исто така и работи како архитект во градежна фирма, вели дека нивната авантура ја започнале на петти септември, 2026 година од Љуботен, а завршиле на Рудока, движејќи се по гребенот на Шара.
Според повозрасната, Благица Владимировска (46), менаџер за продажба во грчка фабрика, идејата за шарската трансферзала ја носеле во себе веќе неколку години.
– Не сакавме само да ја поминеме трансферзалата – сакавме да си поставиме уште поголем предизвик: да ги искачиме сите врвови по ред, следејќи го гребенот на Шара. Знаевме дека нема да биде едноставно – раскажува Благица.
Еден од најголемите проблеми им биле изворите за вода, бидејќи најчесто се наоѓале многу подолу од гребените по кои требало да се движат.
– Тоа значеше дека мораме да бидеме самодоволни и да носиме околу четири литри вода дневно, покрај целата останата опрема. Но, можеби токму тоа е убавината на ваквите предизвици. Не одиме по планина затоа што е лесно. Одиме затоа што сакаме да видиме до каде можеме да стигнеме кога ќе ги поместиме сопствените граници – наведува Благица.
За неа, тоа претставувал исклучително голем предизвик, но како што вели, најважно од сè е што знаеле дека се подготвени.

– Пред реализацијата направивме сериозен план и подготовки – физички, ментални и логистички. Знаевме што нè очекува и дека четири дена ќе мораме да бидеме целосно самостојни. Ранците беа тешки околу 20 килограми. Во нив имавме комплетна опрема за спиење, опрема за готвење, храна и големо количество вода. Секој чекор со таков товар има своја тежина. Секое искачување станува потешко, а секое спуштање бара дополнителна концентрација. Имаше замор, имаше тешки моменти, но немаше помисла да се откажеме. Кога телото ќе каже „доста е“, тогаш почнува битката со самиот себе. И токму таму, во тие моменти, сфаќате колку навистина можете. На планина не победувате само со сила. Победувате со карактер, со упорност и со вербата дека можете да направите уште еден чекор. Па уште еден. И уште еден. И на крајот, токму тие чекори ве носат до врвот – опишува Благица.
Таа веќе десет години активно се занимава со планинарење и високогорство.
– Во текот на овие години стекнав големо искуство, знаење и подготвеност за безбедно движење во планина. Сметам дека искуството е исклучително важно, особено кога станува збор за вакви сериозни предизвици. Но, покрај физичката подготвеност, многу е важна и менталната сила. Можеме да бидеме изморени, можеме да бидеме гладни, можеме да почувствуваме дека веќе немаме сила – но не смееме да дозволиме умот да нè убеди дека не можеме. И двете сме физички силни и издржливи, но можеби нашата најголема сила е упорноста. Не се откажуваме лесно. Кога ќе си поставиме цел, одиме кон неа чекор по чекор, без разлика колку е тешко – тврди Благица.
Таа додава дека отсекогаш ја привлекувала магијата на планините, но како што нагласува, вистинскиот почеток дошол многу подоцна – дури на 36 години, кога првпат почнала да планинари.
– И уште на првата тура почувствував нешто што тешко може да се објасни со зборови. Како да сум дошла на место на кое отсекогаш сум припаѓала. Ги почувствував адреналинот, возбудата, авантуризмот и предизвикот, но истовремено и нешто сосема спротивно – мир, тишина, спокој и една посебна среќа што може да ја почувствувате само високо во планината. Од тој ден, љубовта кон планината само расте. Со секоја тура, со секој врв и со секој тежок момент, таа стануваше сè подлабока. Планината престана да биде само место каде што одам. Таа стана дел од мојот живот. Стана дел од мене. На планина научив дека не мора секогаш да брзаш. Дека понекогаш треба само да продолжиш. Дека најтешките искачувања најчесто водат кон најубавите погледи. И можеби затоа постојано се враќаме. Затоа што планината не ни дава само врвови за искачување. Ни дава можност повторно да се пронајдеме себеси. Секогаш кога ќе се вратам од планина, се чувствувам како да сум оставила дел од тежината таму горе – а со себе сум донела нешто многу поважно: мир, сила и нова желба за следниот предизвик. Планината ме направи она што сум денес. И не знам дали јас ја избрав неа или, можеби, таа ме избра мене – објаснува Благица.
За помладата Ема, Благица вели дека иако е помалку искусна, покажала огромна сила, волја, смиреност во најтешките мигови и психичка стабилност, непоколебливост и позитивен дух.
За Ема, да поставува нови предизвици, да ги поместува сопствените граници и да види до каде може да стигне кога ќе си постави навистина голема цел, но и посебната љубов кон Шара, биле клучните за да се роди идејата за овој предизвик.
– За нас од Скопје, таа е нешто што ни е буквално пред очи, а сепак е толку голем и на моменти недопрен масив. Токму таа близина, а истовремено и големината на Шара, ми создаваше желба подобро да ја запознам и да го поминам целиот тој масив – изјави Ема.

Таа раскажува дека секој ден и секој врв носел свој предизвик и своја тежина. За неа, најтешки биле првите два дена, додека телото сè уште не се навикнало на тежината на ранецот и на ритамот што го имале.
– Во првите денови, болката и заморот беа постојано присутни. Како што поминуваше времето, телото постепено се навикна и почнавме полесно да го поднесуваме товарот. И покрај тоа, цело време ја имавме пред себе големата цел – да го поминеме целиот Шарпланински Масив и да стигнеме до Рудока – наведува Ема.
Покрај упорноста и детерминацијата, огромно значење имала и поддршката што си ја давале една на друга.
– Во моментите кога ќе почувствував дека ми е тешко, само гледајќи ја Благица како продолжува напред ми даваше дополнителна сила да продолжам и јас. Токму затоа сум бескрајно благодарна што имав можност овој предизвик да го направам со неа. За вакви подвизи е многу важно покрај себе да имаш човек на кого му веруваш и кој ќе те турне еден чекор понатаму кога самиот ќе помислиш дека си стигнал до границата – истакна Ема.
Таа додава дека со планинарење активно, односно посериозно, се занимава последните две години. Пред тоа, планинарењето ѝ било повеќе рекреативно – одење и искачување на планините околу Скопје.
– Со текот на времето, благодарение на луѓето што ги запознав и кои ми помогнаа да научам повеќе за планинарењето, почнав сè повеќе да навлегувам во овој свет. Голема улога во тоа има и планинарското друштво „Ај лав хајкинг“, преку кое имав можност да ја запознам убавината на планините низ Македонија, но и надвор од неа – нагласува Ема.
(А. П.)












