„Виски“ е песната што никогаш не престана да биде неговата (нај)омилена песна. Иако популарниот пејач Марјан Коцев ја сними пред 14 години, таа дури сега го добива целосното значење. Отсекогаш заслужувала да има видеоспот.
– Кога ја создававме песната заедно со брат ми Никола, минувавме низ многу тежок период. Мајка ни беше во болница, а сите тие тешки моменти останаа засекогаш споени со оваа песна. Затоа, секогаш кога ја слушам и ја пеам, ме враќа наназад, силно и емотивно ме прави тажен.
Сега „Виски“ конечно ја добива својата вистинска слика и прилика. И нема рок на траење. Го допира срцето на луѓето во вистинскиот момент. Во вистинско време. Со тоа, песната повторно стана многу актуелна.
Всушност, „Виски“ е една од најубавите урбани фолк-балади. И никогаш не престана да живее меѓу публиката. За Марјан Коцев таа отсекогаш била многу повеќе од песна – таа е семеен спомен и емоција. Автор на музиката е Николчо Коцев, текстот го напиша добро познатиот текстописец Орце Зафировски, а аранжманот е на Дејан Момироски. Новиот видеоспот е реализиран во продукција на „Арт студио“, како и Балкан мјузик телевизија. Се снимаше во хотелот „Панорамика“ како и на повеќе атрактивни локации низ Скопје. Покрај песната и спотот, Марјан Коцев подготвува и враќање кај нашинците во Америка. По “пауза“ од цели 25 години, околу новогодишните празници тој ќе замине таму, на турнеја, заедно со својот брат Никола Коцев и со оркестар од Тетово. По американските настапи, следува голем солистички концерт во Скопје, некаде пред Велигден следната година, а за кој допрва ќе се кажува и прераскажува.
(Д. М.)












