Македонија прави сериозен чекор кон енергетска независност со изградбата на големиот ветерен парк на „Алказар енерџи“ на подрачјето на Штип, Радовиш и Карбинци. Инвестицијата, чија прва фаза е вредна 180 милиони евра, треба да донесе нови работни места, патна инфраструктура и значително производство на електрична енергија од обновливи извори.
Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на локацијата во Штип, порача дека проектот, кој некогаш бил само идеја на хартија, сега веќе станува реалност.
– Кога целата идеја била на хартија и почнала со реализација, малкумина верувале дека денес ќе можеме да ја видиме градежната механизација и сè што се гради на потегот на Штип, Радовиш и Карбинци – рече Мицкоски.
Според него, ветерниот парк ќе произведува околу еден терават-час електрична енергија годишно, односно приближно еден милион мегават-часови. – Тоа е нешто што досега не е забележано во нашата историја и, кога ќе стане реалност на крајот од годината, ќе претставува нето-енергетски независна Македонија – истакна премиерот.
На теренот, како што посочи, веќе се гледаат стотици градежни машини и започнува поставувањето на капацитетите за ветерниците.

– Денес гледаме стотици градежни машини и почеток на инсталирањето на капацитетите на ветерниците. Почнуваме инвестиција која ќе вреди половина милијарда долари – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека особено важно е што плановите на „Алказар енерџи“ не завршуваат со овој проект. – Дополнително ме охрабрува тоа што нивните планови за инвестирање во Македонија не завршуваат тука, имаат и други планови за што ќе ја имаат поддршката од Владата – додаде тој.
Тој посочи дека потенцијалот на Македонија за производство на електрична енергија може да достигне до 24 терават-часови. – Кога тоа ќе се помножи со цената на струјата, зборуваме за две милијарди евра годишно бизнис, што треба да го зголеми македонскиот БДП и да придонесе позитивно за македонската економија – нагласи премиерот.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, оцени дека спојот на одржливиот транспорт и зелената транзиција ја позиционира Македонија како лидер во регионот.
– Ќе продолжиме со проектот. Вложивме многу во изминатиов период, под водство на премиерот Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, градоначалниците на Штип, Карбинци и Радовиш, тимовите на Министерството за транспорт, Катастар, Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина – рече Николоски.
Тој додаде дека брзината со која се реализира проектот е показател за ангажманот на институциите. – Самото тоа што денес сме тука, а за три години ќе го пуштиме овој ветрен парк, е најдобар доказ за вашата работа – порача Николоски.
За министерката за енергетика, Сања Божиновска, енергетската независност се гради чекор по чекор, преку нови производствени капацитети, одговорни инвестиции, знаење и институции кои имаат јасна развојна насока.
– Ветерниот парк Штип има значење што ги надминува рамките на еден проект. Ваквите инвестиции се дел од пошироката цел: поголема сигурност во снабдувањето, посилна економија и помала изложеност на надворешни енергетски потреси. Како Министерство, наша обврска е да бидеме двигател на развојот, но истовремено и чувар на јавниот интерес. Ќе обезбедуваме јасни правила, професионален однос и ефикасни постапки за сериозните инвеститори, а ќе инсистираме на транспарентност, високи стандарди, заштита на животната средина и почитување на локалните заедници – рече Божиновска.
Целиот проект е поделен во три фази, а планираниот капацитет изнесува 396 мегавати. Ветерниот парк треба да има вкупно 54 ветерници, со што би станал најголем објект од ваков тип во регионот. Коосновачот и генерален директор на „Алказар енерџи“, Даниел Колдерон, информираше дека е обезбедена финансиската конструкција за првата фаза, која опфаќа 131 мегават и 21 турбина.
– Денес завршуваме со финансиската конструкција за 131 мегават и 21 турбина, со 180 милиони евра инвестиции што се обезбедени од ЕБОР, ИФЦ, Ерсте банка заедно со Шпаркасе банка – рече Колдерон.
По завршувањето, ветерниот парк треба да обезбедува електрична енергија за околу 148.000 домаќинства. Според најавите, со неговото работење годишно би се заштедувале околу 570.000 тони ЦO₂, а проектот треба да овозможи околу 300 вработувања.












