понеделник, октомври 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Најавениот дожд се очекува да помогне во справувањето со огнените стихии

Најавениот дожд се очекува да помогне во справувањето со огнените стихии

94

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, засега нема алармантни пожари, но посочи дека опасноста од разгорување нови и натаму постои. Тој наведе дека најавените врнежи од УХМР во западните делови од земјата би можеле да помогнат во нивното гаснење.

Како што информираше Ангелов, пожарот кај Рамно сè уште е активен, но е значително намален и очекува тој да биде целосно изгаснат.

– Освен тоа, активен е и пожарот во атарите на селата Селце и Локов, во подрачјето кај Струга и Дебар, каде што втор ден работат тимови на ДЗС составени од доброволни пожарникари – нагласи Ангелов.

Тој додаде дека активен е и пожарот кој од Белица навлегол на територијата на ловиштето „Јасен“. Огнот зафатил поголема тревна површина и делумно навлегол во борова шума. На терен биле екипите на ловиштето, а утринава немало горење бидејќи ниските температури помогнале пожарот да се стави под контрола.

Сепак, според Ангелов, постои опасност пожарот повторно да се активира.

– Се надевам дека прогнозата на УХМР ќе излезе точна, ќе падне дожд и ќе стави крај на овој пожар – рече тој.

Избувнал пожар и кај Вруток, на непристапен терен. Гостиварските пожарникари работеле на негово гаснење и значително го намалиле. Пожарот е под контрола, но сè уште постои можност за негово ширење.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека на територијата на државата, денеска, до 13:00 часот, биле регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, четири се под контрола, додека три 3 пожари се изгаснати.

Активни се пожарите кај селата Буринец, Локов, Селце  и Елевци-Општина Струга, каде што гори нискостеблеста шума, во селото Велица, местото викано Кајорец кон селото Брезница, кај репетиторот – Општина Македонски Брод, каде што горат нискостеблеста и мешана шума. Потоа, активни се и пожарите во селото Брест, место викано Рамно – Општина Чучер-Сандево, каде што гори мешана шума, во селото Осиче, место викано Рамни Камен – Општина Крива Паланка, каде што е зафатена борова шума, и во селото Печково – Општина Гостивар, каде што горат ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Под контрола се пожарите во селото Бенче – Општина Македонски Брод, каде што гори шума, во селото Тајмиште, место викано Дарда – Општина Кичево, каде што е зафатена ниска вегетација, во селото Копаница – Општина Сарај, каде што гори шума и во селата Грачани и Никиштане – Општина Ѓорче Петров, каде што е зафатена шума.

Во исто време, изгаснати се пожарите над селото Кнежино, место викано Црн Камен – Општина Кичево, над селото Стиник – Општина Ново Село и во селото Бардовци – Општина Карпош.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ