Поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој е осомничен за проневера и злоупотреба на службената положба, утринава сам се предал на надлежните органи, откако извесен период беше во бегство.
Бајрами, роден на 10 февруари 1993 година во Куманово, во 05:35 часот пеш и самоволно се пријавил кај надлежните органи. По него претходно беше распишана мерка „апси“ по барање на СМПС – Одделението за потраги, согласно член 354 став 5 од Кривичниот законик.
По потврдувањето на мерката, Бајрами бил лишен од слобода и ќе биде спроведен во понатамошна постапка пред надлежните органи.
Случајот во кој е опфатен Бајрами се однесува и на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, како и на уште шест лица.
Груби, кој повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот, во февруари годинава се предаде на граничниот премин Блаце. По неговото предавање, му беше определен куќен притвор.
Со предавањето на Бајрами, уште едно лице по кое се трагаше во рамки на предметот е ставено на располагање на органите на прогонот.
Судењето за случајот продолжува во петок.












