среда, септември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Само 162 првачиња во Гевгелија – училиштата се празнат, но се модернизираат

Само 162 првачиња во Гевгелија – училиштата се празнат, но се модернизираат

48

Оваа учебна 2026/2027 година во Македонија почна со околу 14.952 првачиња, што е за околу 3.000 деца помалку во споредба со минатата учебна година. Забележан е сериозен демографски пад со 433 паралелки помалку во државата, додека привремено се затворени 26 рурални училишта поради недостиг на ученици. Колку за споредба, пред една деценија, во 2016 година, имало над 23.000 првачиња, што покажува долгорочен пад.

Во Општина Гевгелија, новата учебна 2026/2027 година почна со вкупно 162 првачиња, кои првпат седнаа во училишните клупи, што е за 32 првачиња помалку од изминатата 2025/2026 учебна година. Овој број потврдува дека Гевгелија се соочува со постојан пад на бројот на ученици. За споредба, пред неколку години (во учебната 2018/2019 година), во Општината беа запишани 191 прваче, додека претходно тој број надминуваше 250 ученици. Поради константното намалување на бројот на ученици,  изминатите години беа затворени три подрачни училишта, во Кованец, Милетково и во Смоквица, а оваа година е затворено и подрачното училиште во Мрзенци.

Зад овие бројки не стои само статистиката за една генерација. Намалувањето на бројот на деца веќе ја наметнува потребата од промени во организацијата на основното образование, особено во помалите населени места. Затоа, поради состојбата со намалениот број ученици во основните училишта во Општина Гевгелија, од Советот на Општината е побарана и добиена согласност за формирање паралелки со помал број ученици, како и комбинирани паралелки во подрачните училишта во Моин, Богородица, Давидово и во Прдејци.

Што се однесува до училишната мрежа во Општина Гевгелија, во учебната 2025/2026 година таа беше составена од вкупно 91 паралелка, за разлика од учебната 2023/2024 година, кога почна и оптимизацијата во Општината и кога вкупниот број паралелки изнесуваше 97. Поради трендот на намалување на бројот на ученици, беше неопходно да се направи оптимизација на училишната мрежа со намалување на бројот на паралелки, бројот на подрачни училишта и кадар со непредизвикување технолошки вишок кај него.

Почнувајќи од учебната 2026/2027 година и заклучно со учебната 2031/2032 година, се планира максимално можна оптимизација на училишната мрежа во Општина Гевгелија, и тоа во делот на намалување на паралелките, односно затворање на паралелките  во сите подрачни училишта и затворање на истите, со исклучок на една паралелка во ПУ Богородица. Истата максимална оптимизација е предвидена до 2031/2032 година и за наставниот кадар по предметна и по одделенска настава без да се предизвика технолошки вишок поради пензионирањето на дел од наставниот кадар, како и прекин на договорот за работа на дел од наставниците што се примени на определено работно време.

Проекциите покажуваат дека ќе продолжи да опаѓа и бројот на првачиња. Ако годинава во прво одделение се запишани 162 ученици, во учебната 2031/2032 година се очекува нивниот број да изнесува околу 138. Причините за ваквиот тренд се повеќеслојни. Најзначаен фактор е намалувањето на бројот на деца кај помладите генерации, што е последица на подолготрајните демографски процеси: помал број новороденчиња, иселување на дел од младото население и намалување на бројот на млади семејства во одредени средини.

Сепак, она што радува и треба да се истакне е фактот што и покрај намалениот број ученици, Општина Гевгелија инвестира во подобри просторни и технички услови во гевгелиските основни училишта, со цел модернизација на наставата.

Така, во ООУ „Климент Охридски“ – Миравци се набавени нови клима-уреди, печатачи и ламинатор, со што се унапредуваат условите за работа и реализација на наставата, а во ООУ „Ристо Шуклев“ – Негорци е поставен нов ламинат во две училници и се набавени шест клима-уреди и шест паметни табли. Во ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија се набавени и монтирани 23 нови клима инвертер единици, со кои е опремена секоја училница. Набавени се и шест нови смарт мултифункционални табли, во училиштето се реализираа молерофарбарски работи на целиот објект, додека во ООУ „Владо Кантарџиев“ – Гевгелија е опремен кабинетот по информатика со комплетна ИКТ-опрема, адаптирана е  просторија за поддршка на учениците со попреченост, наменета за создавање стимулативна средина и соодветна поддршка, согласно со индивидуалните потреби на учениците.

 (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ