Националната арена „Тодор Проески“ беше претесна, но и преплавена со околу 50 илјади луѓе кои дојдоа на настапот на диџеј-ѕвездата Дејвид Гета. Спектаклот се претвори во една од најмасовните музички вечери во поновата историја на Македонија, по повод 35 години самостојност и независност на државата. Пред настапот на светската диџеј-ѕвезда, публиката ја забавуваа македонските диџеи, триото Семпре и диџеј Никифор. Околу 23 часот на сцената се појави главната ѕвезда на вечерта, Дејвид Гета.
И со право може да се каже дека Скопје живна во ритамот на електронската музика. Педесетина илјади луѓе, а зад пултот популарниот Гета, максимално свеж и расположен, пристигнат со авионскиот лет од шпанскиот остров Ибица. Во текот на 2026 година диџејот го достигна својот врв со неколку историски настапи на европските стадиони во Париз и Марсеј, а сега меѓу нив се вбројува и овој настап во Арената „Тодор Проески“ во Скопјe.
Во самата арена, меѓу публиката, се разбира, претежно млади од Македонија, но и од околните земји, вриеше како во кошница. Францускиот диџеј Гета го започна спектаклот со шоуто „The Monolith“. Од моќниот звук, ласерите, пиротехничките ефекти, визуализациите со совршена продукција, луѓето останаа буквално без здив. Сите танцуваа, со кренати раце во воздухот, глетка каква што секоја светска метропола си посакува за себе, а македонското Скопје тоа и го доживеа.
Со тоа беше оправдана спектакуларноста на неговото музичко-визуелно шоу. Тоа што Дејвид Гета го работи на настапите во Париз, Амстердам, Милано, Лондон, Мадрид, Њујорк или Виена го направи и кај нас, во Скопје. Бевме, барем пет часа, светски центар на електронската музика. Нешто што ќе се памети!
(Д. М.) Фото: П. Стојановски












