среда, јули 1, 2026
Дома СКОПСКА Mостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро ќе биде ставен во функција

Mостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро ќе биде ставен во функција

71

По години чекање и застој, мостот „Генерал Михајло Апостолски“, конечно, влегува во завршна фаза пред целосното ставање во функција.

Од Град Скопје информираа дека проектот, кој долго време беше симбол на недовршените инфраструктурни зафати, наскоро ќе стане важна сообраќајна врска што ќе придонесе за побрз и поефикасен сообраќај во главниот град.

– Со решавањето на еден од најголемите предизвици: процесот на експропријација, се создадоа услови за продолжување на активностите на терен. По истекот на рокот за преселување на семејствата што живееја на трасата, почна расчистувањето на булеварот АСНОМ од страната на мостот, што претставува клучен чекор кон неговото, конечно, ставање во употреба. Паралелно, продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување – наведуваат градските власти.

Оттаму додаваат дека овој проект е резултат на посветена, одговорна и континуирана работа, како и исполнување на преземената обврска мостот да биде ставен во функција во рамките на актуелниот мандат.

Според градските власти, покрај овој проект, во изминатиот период се откочени и други значајни инфраструктурни зафати, меѓу кои „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на улицата „Љубљанска“ и подземната сообраќајница на булеварот „Македонија“.

– Со нивната реализација, Скопје продолжува да ги подобрува сообраќајниот систем и условите за живот на своите граѓани – потенцираат од Град Скопје.

ИЗДВОЕНИ