петок, јуни 5, 2026
Дома МАГАЗИН По речиси три месеци, макфестовската „Бура“ со  Димитар Андоновски има видеозапис ...

По речиси три месеци, макфестовската „Бура“ со  Димитар Андоновски има видеозапис  

111

Никогаш не е доцна!                                                                                        Македонскиот поп-пејач, композитор и продуцент Димитар Андоновски сними спот за својата макфестовска песна „Бура“. Иако поминаа речиси три месеци од фестивалот, Димитар сега се појавува со спот, но никогаш не е доцна. Песната не загуби ништо од актуелноста, а со спотот доби на значење. Премиерата се случи на неговиот официјален јутјуб-канал Dimitarofficial. Всушност, пејачите сè повеќе практикуваат вакви „скромни“ промоции, што, секако, не е добро. Се (из)губи комуникацијата меѓу нив и естрадните новинари, што е голем минус. И покрај тоа што видеозаписот е уште еден значаен чекор во музичката кариера на Димитар Андоновски, живите промоции секогаш имаат предност и не се заменливи со ништо.

Инаку, „Бура“ е песна што го отсликува внатрешниот свет на емоции, борби и турбуленции, инспирирани од лични искуства. Комплетното авторство – музиката, текстот, аранжманот и продукцијата – е дело на самиот Андоновски, кој со оваа песна уште еднаш ги докажува своите уметничка автентичност и храброст, кои им се допаѓаат на публиката.

Димитар појаснува дека песната е одговор на внатрешните битки што ги доживуваме сите. „Бура“ ја доловува силата на емоциите и турбуленциите во одредени моменти и ситуации што ни се случуваат во душата.

Спотот е реализиран со поддршка од продукциската куќа „77 Ентертејнмент“, во режија на Владислав Гавриловски, со модерен визуелен пристап и со впечатлива естетика.Моделот Матеја Христовска внесе суптилна емоционалност во приказната, додека „стајлингот“ на Андреј Папаз ја истакна уникатноста на овој добро осмислениот проект.    Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ